Сакам евровизиска песна со искрена приказна

Васил Гарванлиев, кој лани пееше во придружните вокали на Тамара Тодевска во Израел, годинава ќе ја претставува Македонија на Евровизија во Ротердам, Холандија. Во ексклузивно интервју за „Слободен печат“, нашиот годинешен евровизиски претставник вели дека е почестен и е подготвен за предизвикот, каде што освен личните, максимално ќе ја искористи можноста да ги претстави и вредностите на нашата земја.

По информацијата дека Вие ќе бидете нашиот евровизиски претставник, какво е чувството да се претставува својата земја пред европскиот аудиториум?

– Евровизиската сцена е предизвик и сон на секој пејач, и не само што е платформа за лично претставување и афирмација, туку и за претставување на вредностите на нашата татковина. Веќе реков дека годината не можеше поубаво да ми започне. Се чувствувам почестен и среќен што оваа година ја имам таа можност, но и одговорност пред толку голем аудиториум да нè претставам.

Дали очекувавте МРТ да ве избере токму Вас за наш евровизиски претставник и дали мислите дека минатогодишно искуство како придружен вокал има пресудна улога на нејзиниот избор?

– Минатогодишното искуство со Тамара беше супер можност да се запознаеме одблиску со тимот на македонската делегација во Тел Авив. Не би можел јас да кажам дали тоа има пресудна улога во изборот, но верувам дека се земени предвид моето долгогодишно интернационално искуство на големи сцени, како и мојата желба и подготвеност за таков предизвик.

Дали песната е во подготовка и до кога ќе биде изработена?

– Во моментов има отворен повик за наши композитори што се заинтересирани да напишат песна. Многумина од нив веќе работат на првичните идеи, се надевам дека наскоро ќе одлучиме. Само што пристигнав во Торонто каде што ќе настапам на 25 јануари, па кога ќе се вратам, ќе седнеме за да ги преслушаме сите предлози.

Во кој жанр би сакале да биде песната со која ќе настапите на Евровизија?

– Сакам песна што ќе нè претстави во најдобро светло користејќи ги моите способности, специфичен вокал и секако, да има искрена приказна во неа. Ние пејачите имаме посебно сетило и знаеме точно која песна нè допира. Останува да видиме наскоро.

Дали робувате на тоа дека Македонија подобро ќе ја претставите ако евровизиската нумера ја изведете на македонски јазик отколку ако има македонска и англиска верзија? Имате ли информации на кој јазик МРТ бара од авторите да ја компонираат песната?

– Јазикот за мене не е битен. Тоа само ќе си дојде. Музиката е универзален јазик и доколку ја имаме вистинската песна, останатото само ќе се нареди.

Дали имате информации кои текстописци и композитори се во тесниот избор за создавањето на евровизиската песна?

– Во моментов нема тесен избор, повикот е отворен за сите.

Кој ќе го креира Вашиот стајлинг на настапот на евровизиската сцена и кои ќе бидат Вашите придружни вокали?

– Чекор по чекор. Прво да ја избереме песната, потоа ќе одлучиме за целиот концепт, сценскиот настап и визуелниот изглед.

Гарванлиев порачува

Нашиот евровизиски претставник за крај на разговорот испрати до читателите генерална порака, која е негова водилка:

„Верувајте во себе и следете ги вашите соништа! Патеката не е секогаш лесна, но еден ден секој чекор изоден напред со вложен труд и искрена љубов кон тоа што го правите, ќе вроди со плод. Не откажувајте се никогаш!“.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот