Олимписката шампионка на 800 метри Јужноафриканката Кастер Семења објави дека ќе поднесе жалба до Европскиот суд за човекови права во врска со правилата на Светската атлетика за дозволено ниво на тестостерон кој е природно зголемен кај атлетичарките.
Според правилата на Светската атлетика од 2019 година, на Семења не ѝ е дозволено да се натпреварува во дисциплини од 400 метри до една милја сè додека не започне да користи лекови кои го намалуваат нивото на тестостерон. Во случај да одлучи да не зема лекови, Семења ќе мора да ја смени дисциплината.
Минатиот септември, Врховниот суд на Швајцарија ја одби жалбата на 30-годишната атлетичарка, иако правилото за тестостерон влијае на натпреварувачкте со „разлика во развојот на полот“.
Семења тогаш одлучи да се жали до Европскиот суд за човекови права, за да може да се натпреварува и да ја брани својата титула на Олимписките игри во Токио ова лето.
– Сè што бараме е да ни биде дозволено да трчаме слободно засекогаш, силни и бестрашни жени како што сме и како што отсекогаш сме биле – рече Семења, објави „Би-Би-Си“.
South African Olympic champion Caster Semenya is taking her fight to compete in women's sports to the European Court of Human Rights https://t.co/G45MK4c8xB
— TIME (@TIME) February 25, 2021
Нејзините адвокати ќе тврдат дека Швајцарија не ја заштитила Семења од кршење на нејзините права. Спортистките со ДСД (Female athletes with Differences of Sexual Development) имаат поголемо ниво на природен тестостерон, за кој Светската атлетика тврди дека им дава предност во натпреварувањата.
Во 2019 година, Судот за спортска арбитража ја одби жалбата на Семења, по што Врховниот суд на Швајцарија привремено ја суспендираше одлуката, а потоа ја потврди.
Таа ги освои златните олимписки медали на 800 метри во 2012 и 2016 година. Поради новото правило, не можеше да учествува на Светскиот куп во Доха во 2019 година.
Минатиот март рече дека сака да учествува на Игрите во Токио на трката на 200 метри, бидејќи не мора да зема лекови за таа дисциплина. Нејзин најдобар резултат на 200 метри е 23,49 секунди, а нормата за Олимписките игри е 22,80.