Сага за нашите милијарди

Фото: Слободен печат/Весна Дамчевска

Пред 10 години се планирал буџетот за 2010 година и биле соопштени бројките за, во тоа време, „најмегаломанскиот“ буџет, тежок 2,5 милијарди евра. Завчера беа соопштени бројките за буџетот за 2020 година и повторно во јавноста истата реченица: „се скрои најмегаломанскиот буџет досега“. Новиот буџет ќе тежи 3,9 милијарди евра.

Нормално е што секоја година буџетот е „најмегаломански“, затоа што е нормално во услови на економски раст да има зголемување и на приходите и на расходите. Затоа она реченица со скандалозен призвук, редовно спакувана од опозицијата, независно која и да е, дека „владата скроила најмегаломански буџет“ и не држи многу вода. Вистинското прашање е дали растот на буџетот во овие 10 години, од некогашните 2,5 милијарди евра, на сегашните 3,9 милијарди евра, е придружен со толкав раст на економијата, со раст на личната потрошувачка, дали проектите наведени во буџетот се реализираат, колкави долгови се прават да се алиментира буџетот и, на крајот, зошто тие пари се трошат.

Идната година, акцентот ќе се стави на човечкиот капитал, помпезно најавија премиерот Зоран Заев и министерката за финансии Нина Ангеловска. Ќе има поголеми плати и за лекарите и за наставниците, како и повеќе пари за социјално загрозените. Не знам зошто многумина скокнаа за поголемите плати. Мора да има повеќе пари за докторски специјализации и за поголеми плати за лекарите ако не сакаме да останеме без нив, затоа што бадијала ќе ни биде сè друго. Мора и да има квалитетно образование, затоа што светот не може да ни се изначуди за нашата „писменост“. Секако, само платите не се решение ниту за здравството, ниту за образованието, како што и новите вработувања не се лек за нејзината неефикасност.

Што се однесува до инвестициите, навидум, се градело во изминативе 10 години. Се направи автопат кон Грција, се гради автопат кон Охрид, се направи брз пат до Штип, премиерот Зоран Заев само што рече дека гасоводот Скопје – Тетово – Гостивар ќе биде готов во 2020 година… Но, за жал, и тука работите не се црно-бели. За гасификацијата се зборува 10 години, па досега требаше да биде готова. За автопатот кон Охрид, на човек да му биде мака и да зборува. Излезе дека се потребни  дополнителни 180 милиони евра, дека има многу грешки… Грешки на автопат?! Па, тоа не е грешка на модна писта, туку грешка што може некого да чини живот. Но, тука пак се враќаме на „писменоста“. Некогаш наши инженери градеа мостови и автопати во други земји. Ама тоа е некое друго време. И згора на сè, за сите овие автопати сега се земаат странски кредити. Добро, што тогаш ние правиме со нашите пари?

Всушност, многу е лесна теоријата за тоа што треба да се направи со парите добиени во буџетот. Треба да се обезбеди добра инфраструктура – патна, железничка, треба да се обезбеди евтин и еколошки енергент, добро образование и здравство и треба да се плати ефикасна и бројчано соодветна администрација, која ќе обезбеди добра бизнис-клима и добри услуги за граѓаните.

Ако во секоја од овие области се најдеше јунак, досега сè ќе функционираше како што треба. Но тука ми се чини доаѓаме до клучниот момент. Во оваа земја нема место за јунаци. Кој и да стане премиер, сака сè да грабне во свои раце (за волја на вистината, секогаш има и уште една личност која и од „фрижидер излегува“), а од други многу памет не му треба.  Како поинаку да се протолкува тоа што на презентацијата на буџетот, премиерот зборуваше повеќе од министерката за финансии. А тоа е редовна практика, во секоја пригода…

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот