Саем за вработување: Ни бенефициите не помагаат да се најдат работници
Специјалистите за човечки ресурси на големите трговски синџири го потенцираат недостигот на продажен и услужен персонал како најкритичен
Загрижувачки е недостигот на квалификувана работна сила особено во трговијата и во градежништвото, а дел од компаниите со кои разговараше „Слободен печат“, конкретно посочуваат дека најранлив е продажниот сегмент, но не помалку работници недостигаат во деликатесниот, месарскиот, пекарскиот дел, како и магационери, возачи и дистрибутери. Специјалистите за човечки ресурси на најголемите трговски синџири се едногласни дека работниците веќе не се проблем само во летниот период, туку и во целата година, а прстот го вперуваат во масовниот одлив на работна сила.
Судејќи според нивното масовно присуство на Саемот за вработување во организација на Стопанската комора и УСАИД, не помага ни понудата на сериозни бенефиции, стимулации, награди, обуки и помош за дошколување, бидејќи бунарот на работна сила во земјава полека го допира дното.
– Сè потешко се наоѓа квалификуван кадар, иако ние постојано воведуваме нови бенефиции за вработените, дополнителни слободни денови и поени за пазарување на вработените. Недостигаат сите продажни профили во маркетите, а ваквите саеми се добра можност за директен разговор и интервјуа со невработените – велат од трговскиот синџир „Тинекс“.
Со сличен проблем се соочуваат и во компанијата „Рептил“, а нивните кадровски специјалци наведуваат дека еден од проблемите се сезонските заминувања на нивните работници, кои откако ќе им завршат договорите, повторно се враќаат и сметаат дека работното место треба да ги чека.
– Голем недостиг на кадри има за деликатесниот и за месниот дел, но и кај продавачите. Ова не е само наш проблем, туку на сите во трговијата, а ние се трудиме да обезбедиме секакви поволности и обуки за нашите вработени – брифираат од „Рептил“.
Одливот на работната сила станува целогодишен, а не само сезонски, додаваат и од „Рамстор“, а од компанијата истакнуваат дека ги користат сите платформи за да дојдат до квалификуван кадар, а особено добра можност за да обезбедат работна сила се и ваквите саеми. Општи работници, возачи, дистрибутери, магационери бара и преработувачката индустрија, истакнуваат и од „Пекабеско“, а од компанијата „Даути комерц“ велат дека немаат проблем во административниот дел, но тој е сè поизразен кај општите работници и возачите. Недостигот се менаџира со солидни бенефиции, покрај платата.
Од градежната компанија „Жикол“, меѓу другото го истакнуваат и недостигот на високо стручен кадар во секторот.
– Нашите градежници и високо и ниско квалификувани заминуваат за Германија и тоа ни прави притисок за натамошните планови за развој на компанијата – оценуваат од „Жикол“.
Според Наташа Јаневска, претседателка на Советот за унапредување на квалитетот на тренингот и обуките при СКСМ, увозот на работна сила во земјава не се покажал како најдобро решение и токму недостигот на работна сила е еден од клучните проблеми со што се соочуваат компаниите поради што трпи и целата македонска економија.
– Стопанската комора, која сака да го привлече работоспособното население во нашата држава, токму затоа организира вакви саеми за да можат компаниите да ги надополнат работните места со стручен кадар – нагласи Јаневска.
Дајбл: Преку програмите на УСАИД се вработени 420 Роми
УСАИД е посветена на инклузивноста што ги зајакнува демократијата, човековите права и економскиот раст. Преку нашите програми, 420 Роми се вработија во приватни компании или преку грантови за самовработување. Овие програми ги надминуваат работните места – тие градат достоинство, безбедност и патишта кон подобра иднина, изјави денеска претставничката на канцеларијата на УСАИД во Северна Македонија, Џери Дајбл на отворањето на Саемот за вработување во Скопје.
– Ги поздравувам „Ромалитико“ и СКСМ за поврзувањето на Ромите, кои бараат работа со инклузивни работодавачи како што е корпорацијата „Лаер“, што вработи повеќе од 200 Роми, вклучително и во лидерски улоги – подвлече Дајбл.