САД сметаат дека Северна Кореја би можела да изврши нуклеарна вежба овој месец

Лидерот на Северна Кореја, Ким Џонг-ун/ Фото: EPA-EFE/KCNA EDITORIAL USE ONLY

САД оценуваат дека Северна Кореја го подготвува својот полигон за нуклеарни проби Пунџи-ри и дека би можела да биде подготвена да изврши тест веќе овој месец, изјави во петокот заменик-портпаролот на Стејт департментот Џалина Портер.

Северна Кореја неодамна ги засили тестовите на оружје и го продолжи лансирањето на интерконтинентална балистичка ракета оваа година за прв пат од 2017 година, пренесува Ројтерс.

Таа нема тестирано нуклеарна бомба од 2017 година, но американските и јужнокорејските власти со недели велат дека има знаци за нова градба во Пунџи-ри, единственото познато место за нуклеарни проби во Северна Кореја, и дека Пјонгјанг наскоро би можел да тестира уште една бомба.

Пунџи-ри е официјално затворен од 2018 година, а изјавата на Портер дека земјата би можела да биде подготвена овој месец беше поконкретна за можното време на тестирање и беше прва таква изјава на американски официјален претставник.

„САД оценуваат дека КНДР го подготвува својот полигон Пунџи-ри и може да биде подготвена да спроведе тест таму веќе овој месец, што би било нивно седмо тестирање“, рече таа на редовниот брифинг.

Таа додаде дека САД ќе се надоврзат на оваа тесна координација кога претседателот Џо Бајден ќе отпатува за Јужна Кореја и Јапонија од 20 до 24 мај.

Минатата недела, севернокорејскиот лидер Ким Џонг Ун вети дека ќе го забрза развојот на нуклеарниот арсенал на неговата земја додека ја надгледува огромната воена парада, во време кога преговорите за денуклеаризација со САД остануваат во застој.

Тој рече дека основната мисија на нуклеарната сила на Северна Кореја е одвраќање, но дека нејзината употреба „никогаш не може да се ограничи само на една мисија“.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот