САД сериозно загрижени поради судирите во Израел и деложацијата на Палестинците
Американскиот советник за национална безбедност Џејк Саливан во синоќешниот телефонски разговор со израелскиот советник за национална безбедност изрази „сериозна загриженост” во врска со насилните конфликти во Ерусалим, соопшти Белата куќа.
Саливан „исто така ја повтори сериозната загриженост на САД во врска со потенцијалното иселување на палестинските семејства од нивните домови во областа Шеик Џара”, се вели во соопштението од Белата куќа, за разговорот на Саливан со израелскиот советник за национална безбедност Меир Бен-Шабат.
„Тие се согласија дека ракетирањето и испраќањето на запаливи балони од Газа до Израел се неприфатливи и се за осуда”, додаде Белата куќа.
Судири и насилни инциденти се случуваа речиси секоја вечер во Ерусалим, свет град за муслиманите, христијаните и Евреите, од почетокот на Рамазан на 13 април.