САД: Русија не сака да разговара за нуклеарниот договор „Нов СТАРТ”

Фото: NuEPA/JIM LO SCALZO

Администрацијата на американскиот претседател Џо Бајден ја обвини Русија за одложување на состанокот посветен на билатералниот договор за контрола на нуклеарното оружје што требаше да започне утре во Египет, а Портпаролот на Стејт департментот рече дека одлуката „еднострано” била донесена од Москва.

Состаноците меѓу двете земји за договорот „Нов СТАРТ” – единствениот преостанат за регулирање на арсеналот на двете најголеми нуклеарни суперсили – требаше да се одржат по руските нуклеарни закани против Украина и компликациите поврзани со инспекциите на нуклеарното оружје на САД и Русија, предвидени со договорот.

Американските власти постојано зборуваа за потребата од дијалог за нуклеарните прашања со цел да се намалат ризиците.

Во соопштението на Стејт департментот се наведува дека „САД и Руската Федерација требаше да започнат дискусии на ниво на Билатералната консултативна комисија за „Нов СТАРТ” во вторник во Каиро, посветени на „спроведувањето” на одредбите од договорот.

Руската страна ги информираше САД дека еднострано го одложува состанокот и посочи дека ќе предложи нови датуми, изјави портпарол на Стејт департментот.

Висок функционер на Стејт департментот за „Си-Ен-Ен” изјави дека Русија не му ја кажала на Вашингтон причината за одложувањето, а за одлуката ги известила САД „неодамна”.

Руското Министерство за надворешни работи потврди дека разговорите се одложени, без да се наведе причината за одложувањето.

Не е јасно кога би можеле да се одржат разговорите, а портпарол на Стејт департментот рече дека САД се „подготвени да бидат што е можно поскоро, имајќи предвид дека обновувањето на инспекциите е приоритет за одржување на договорот како инструмент за стабилност”.

Договорот „Нов СТАРТ” го ограничува бројот оперативни нуклеарни ракети со интерконтинентален дострел и на САД и на Русија. Последен пат беше продолжен во 2021 година, за пет години, што значи дека двете страни наскоро треба да започнат преговори за нов договор за контрола на вооружувањето.

Врз основа на договорот, на Вашингтон и на Москва им беше дозволено меѓусебно да ги проверуваат локациите каде што е распоредено нуклеарно оружје, но поради пандемијата „Ковид-19″, инспекциите беа прекинати во 2020 година.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот