САД разочарани од бугарското вето за Македонија, амбасадорката Брнз зборуваше за причините

Американската амбасадорка во земјава Кејт Мари Брнз во интервју за Гласот на Америка нагласи дека САД веруваат дека Македонија покажала оти е подготвена за нејзина прва меѓувладина конференција и се надеваат дека тоа ќе може да се случи што е можно побрзо.

– Разочарани сме од ветото на Бугарија поради бројни причини. Прво затоа што веруваме дека Северна Македонија беше подготвена да го почне процесот на отворање и затворање на поглавјата со ЕУ – изјави Брнз, додавајќи дека ветото носи ризик не само за Македонија, туку и за ЕУ, како и за прашањата поврзани со процесот на проширување во целина.

Брнз ја истакна ангажираноста на САД во регионот и во Македонија, во насока на поддршка на реформската агенда и осигурување дека пристапниот процес во ЕУ оди напред.

– Прво би сакала да кажам дека САД се ангажирани во овој регион и во Северна Македонија со децении. Јас би кажала дека во изминативе неколку години и многу интензивно вклучени во поддршката на Северна Македонија да влезе во НАТО, во поддршката на нејзините аспирации и напори да се приклучи кон ЕУ, како и во проширување на економската соработка и регионалната соработка во целина. Јас верувам дека таквиот вид на соработка ќе продолжи, и се разбира пред се` ќе биде фокусирана на нашата поддршка за евроатлантската интеграција на Северна Македонија. Тоа е основа на нашата политика овде, и има многу работа да се заврши, во смисла на поддршка на реформската агенда, како и да осигураме дека пристапниот процес во ЕУ оди напред – кажа амбасадорката, одговарајќи на прашањето дали очекува администрацијата на новоизбраниот претседател Џо Бајден да изврши поголем притисок врз Бугарија за отстранување на ветото.

Брнз смета дека е важно билатералните разговори помеѓу Македонија и Бугарија да продолжат и се надева оти дискусиите ќе продолжан на конструктивен начин и во интерес на двете страни.

Таа меѓудругото истакна дека е среќна што Законот за попис поминал во Собранието, наведувајќи дека ова е важен чекор, а Брнз нагласи дека нејзин приоритет претставува Македонија како најнова членка на НАТО да биде подготвена за да учествува како активен придонесувач во Алијансата.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот