САД ќе сервира концизно решение за спорот

Премиерот Заев и американската амбасадорка Брнз / фото: Влада на РСМ

Средбите во Софија на еврокомесарот за проширување Оливер Вархељи со бугарскиот државен врв не донесоа поместување ниту за милиметар во позициите на источниот сосед, кој и вчера испорача барање Македонија да преземе конкретни чекори и гаранции за Договорот за добрососедство. Претседателот Румен Радев на еврокомесарот му рекол дека повеќе не функционираат ветувањата во дијалогот и дека Бугарија од нашата земја очекува јасни правно обврзувачки решенија што ќе доведат до одржливи и неповратни резултати. Исто така, му порачал и дека 120.000 бугарски државјани во РС Македонија се и државјани на ЕУ, а Бугарија се потпира на поддршката на европските институции за ефективно почитување на нивните права.

САД сè поактивно го истакнува интересот Македонија и Албанија што поскоро да ги почнат преговорите за членство со ЕУ, што предизвикува загриженост во Бугарија, а ексминистерот за одбрана Красимир Каракачанов вчера предупреди дека „бугарските политичари подготвуваат предавство на каузата Македонија“. Според нашите аналитичари, може да се очекува САД наскоро на двете страни да им сервира решение.

– Погрешно е Бугарија да користи билатерален спор за да ги запре аспирациите на Северна Македонија за членство во ЕУ. Тие го претвораат ова во мултилатерално прашање што нè засега сите нас. Дадени се некои добри решенија и Вашингтон ќе продолжи да ја притиска Софија да се најде компромис – изјави неодамна Ескобар за Радио „Слободна Европа“, додавајќи дека би сакал пристапните преговори со С Македонија и со Албанија да почнат оваа година.

САД може наскоро да испорача решение

Според нашите аналитичари, ЕУ е инертна и само со помош на САД може да се очекува да се забрза решението на проблемот што Софија му го наметна на Скопје, пред сето тоа да стане замрзнат процес. Политикологот Иво Рангеловиќ оценува дека во практика, дипломатијата на САД е толерантна сè до моментот кога еден спор ќе прерасне во апсурд и затоа наскоро треба да очекуваме нивен предлог за излез.

– Објективно е да се очекува засилен притисок, но наскоро и да се сервира концизно решение од САД. Првиот чекор ќе биде формирање влада во Бугарија по мера на САД и многу е веројатно тоа повторно да биде ГЕРБ, а потоа ќе се сервира решение кое двете страни ќе мора да го прифатат. ЕУ нема да се откаже од својот начин на наметнување притисок, но е претпазлива во целиот процес, бидејќи се работи за спор помеѓу членка и аспирант. Ако на тоа ги додадеме многубројните внатрешни проблеми на Унијата, тешко може да очекуваме решение без суштинското присуство на САД во самиот спор – вели Рангеловиќ за „Слободен печат“.

Тој проценува дека новите тектонски движења во геополитиката, пред сè во Индопацифичкиот регион, нема да бидат пречка за оваа администрација на САД да биде активна на Балканот, со оглед на генералната поставеност на надворешната политика на САД, а тоа е да се заокружи процесот на целосна ЕУ и НАТО по секоја цена.

Лидерот на бугарската ВМРО-БНД Красимир Каракачанов вчера предупреди дека „се подготвува предавство“ и дека САД нема да понудат соодветна компензација.

– Од тебе се бара ти да отстапиш. Тоа е! Прво, целата изјава на Ескобар е скандалозна, но, за жал, Американците така се однесуваат. На тој начин не стекнуваат пријатели. Тие мислат дека така ќе придобијат повеќе пријатели во Скопје, но ќе ги загубат пријателите во Бугарија. Јасно е дека Американците имаат интерес од влегувањето на Албанија и Македонија во ЕУ. Нивната логика е дека ако Македонија влезе во ЕУ, ќе се спречи руското влијание на Балканот. Тоа е исклучително наивно. Ќе поставам едноставно прашање – дали нема руско влијание во Србија, откако таа во 2014 година ги почна преговорите со ЕУ? Напротив! Србија купува руски авиони, ракети, учествува во руски воени вежби итн. – рече Каракачанов.

За проширувањето ќе се дискутира на 6 октомври

Министрите за надворешни работи на членките на ЕУ не разговарале подетално за блокадата од  Бугарија на почетокот на преговорите на Македонија на состанокот на Советот на општи работи, на кој главна тема беше кредибилитетот на ЕУ во Западен Балкан. Државниот секретар за европски прашања на Словенија Гашпар Довжан за МИА изразил надеж дека спорот ќе се реши за да може да се усвои преговарачката рамка за нашата земја. Бугарија лани ја блокираше преговарачката рамка, односно инсистираше во неа да се вметне референца за „погрешно толкување на историјата“, на што се спротивставија Словачка и Чешка.

Словенечкиот државен секретар смета дека во најголем дел прашањата ќе се отворат на претстојниот самит ЕУ-Западен Балкан на 6 октомври.

– Многу работи ќе се дискутираат таму, но ова не е самит за проширување – изјавил Довжан и додал дека сите во ЕУ се надеваат дека дијалогот Софија-Скопје ќе даде резултати.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот