САД и Турција да кажат ако се сомневаат за „Бехтел и Енка“

Бехтел и Енка / Фото МИА

Пратеник на ВМРО-ДПМНЕ рече дека биле барани средства од секаде, веројатно во еден реторички занес, па освен институциите, јас ги повикав и владите на САД и на Турција да кажат дали некој од нив или од компаниите нешто барал во изминативе две години, рече премиерот Димитар Ковачевски.

Ги повикувам и владите на Соединетите Американски Држави и на Турција да кажат дали некој од нив или од нивните компании што учествуваат во изградбата на автопатите нешто барале од нашата држава во текот на изминативе две години додека се подготвувавме за овој најголем инфраструктурен проект досега, вреден 1,3 милијарда евра.

Овој повик на премиерот Димитар Ковачевски е всушност одговор на новинарско прашање, поврзано со надзорот над изградбата на автопатите од коридорите 8 и 10Д. Сомневањата дали е сè по закон се наметнаа откако вчера Јавното обвинителство за гонење организиран криминал и корупција (ЈОГОКК) отвори предмет за овој случај врз основа на допрен глас.

Премиерот Ковачевски повторно ги повика надлежните институции „да го проверат целиот овој проект“.

– Одговорив трипати, вчера и на пратеничко прашање, а сега ќе одговорам и четврти пат. Изведувачот „Бехтел и Енка“ е избран со посебен закон во Собранието што беше поддржан од сите пратеници и е потврден од Уставниот суд. Второ, надзорниот орган е избран во постапка во која се почитувани сите законски процедури од задолжените институции, предводени од Јавното претпријатие за државни патишта. Во таа постапка учествувале три компании, а една е избрана врз основа на одредбите од тендерот. Спроведена е и управна постапка и сите податоци се јавно достапни преку Бирото за јавни набавки. Со оглед дека се појавија информации, доминантно од опозицијата, но и од медиумите, јас и тогаш и сега кажувам дека сите институции што имаат надлежност треба да го проверат целиот овој проект, што значи дека кажав да постапи и Јавното обвинителство и Антикорупциската комисија за да се испитаат сите наводи – рече Ковачевски.

Тој повтори и дека сите документи за досегашните постапки од изминативе две години, Владата ќе ги достави до Антикорупциската комисија.

– Еден пратеник на ВМРО-ДПМНЕ рече дека биле барани средства од секаде, веројатно во еден реторички занес, па освен институциите, јас ги повикав и владите на САД и на Турција да кажат дали некој од нив или од компаниите нешто барал во изминативе две години. Станува збор за проект што за првпат конечно ќе овозможи инфраструктурно поврзување на Коридорот 8 и со него обезбедуваме излез на пристаништата Драч и Бургас, а сега имаме излез само на пристаништето во Солун – рече Ковачевски.

Лефков: Условите на тендерот се менувани среде постапка

Пратеникот Миле Лефков вчера со пратеничко прашање му се обрати на премиерот Ковачевски – дали мисли дека треба веднаш да се отвори истрага за надзорот вреден 22 милиони евра.

– Условите на тендерот се менувани среде постапка за да може фирма загубар да го добие тендерот. Сомнежи за местење на тендер се изнесувани преку најразлични медиуми, а ги гледаме дека државата и оние што треба да се борат против корупција, претежно мислев на Јавното обвинителство, молчат. И токму поради тоа имаме ниска доверба во Обвинителството – рече пратеникот Лефков од ВМРО-ДПМНЕ.

Јавното обвинителство за гонење организиран криминал и корупција завчера извести дека отвориле предмет за надзорот над автопатите по допрен глас, со цел да ги провери наводите што се изнесуваат во јавноста. Предметот е распореден кај надлежен обвинител.

Од Обвинителството за „Слободен печат“ велат дека е прерано за какви било заклучоци и за споделување информации во јавноста во оваа почетна фаза, во која се очекува јавнообвинителската одлука дали ќе има истрага или не.

Во Антикорупциската комисија за случајот велат дека тие имаат отворено предмет по добиена пријава за начинот на кој е избрана фирмата за надзорот над изградбата. Предметот е распределен и постапувањето е во тек, велат оттаму.

Што напишаа медиумите за фирмите избрани за надзор на изградбата

Конзорциумот што победи на тендерот за надзор на изградбата на автопатиштата и потпиша договор со Владата на 2 февруари, е предводен од италијанската „ИРД инженеринг“, а во него има уште три компании – шпанската „Ептиса“ и две македонски фирми, „Електра солушнс“ и „Евро консалтинг“. Анализирајќи ја достапната документација, медиумите објавија дека месечните и еднократните надоместоци за надзорот се огромни, односно четворицата главни надзорни инженери ќе земаат по 20 илјади евра месечно, дека нема докази за стручноста на 23 експерти од вкупно 81 колку што имаат фирмите што го добија тендерот и подизведувачите што беа дополнително ангажирани. Медиумите пишуваа и дека „Електра солушнс“ во понудата и во договорот тврди дека има 32 вработени, од кои 27 инженери, а во годишната сметка за лани наведува дека во просек има само двајца вработени.

Исто така, за една од четирите фирми во надзорот, „Ептиса“, во 2020 година Владата донела одлука со која на државните и на локалните институции им забрани да ја ангажираат на тендери со вредност од над еден милион евра поради „незаконско, неетичко и неодговорно постапување во надзорот на работите на пругата Куманово – Белаковце“, а по неколку месеци Владата ја укинала одлуката. Беше објавено и дека еден од сопствениците на „Евро консалтинг“, Бранислав Димитријевиќ, во Ерменија бил ангажиран како тим-лидер во француско-шпанскиот конзорциум „Савеж-Ептиса“ за голем инфраструктурен проект, за кој ерменското обвинителство има поднесено обвинение, а Димитријевиќ се гони за кривичното дело „извршена измама од голем обем“.

Сите овие пишувања во изминативе месеци не беа доволни ЈОГОКК, со кое од пред три месеци раководи Ислам Абази, да почне истрага по допрен глас, туку чекаа некој да поднесе кривична пријава, а за медиумите изјавуваа дека ги следат сите информации и изјави и ако бидат утврдени елементи на кривично дело, ќе биде поведена соодветна постапка.

Изведувачот „Бехтел и Енка“, во согласност со специјалниот закон, самиот ќе ги проектира и ќе ги изведува автопатиштата Тетово – Гостивар, Струга – Ќафасан, како и Прилеп – Битола, а од Владата очекуваат дека ќе бидат завршени за пет години.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот