САД и ЕУ ја осудија употребата на сила на протестите во Русија

САД најостро ја осудија употребата на полициска сила врз демонстрантите и новинарите на вчерашните протести низ Русија, соопшти Стејт департментот.

– Постојаните напори за сузбивање на правата на Русите за мирни собири и слобода на говорот, апсењето на опозицискиот лидер Алексеј Навални и сузбивањето на протестите, загрижувачки укажуваат на натамошните ограничувања на цивилното општество и основните слободи, се наведува во соопштението.

Стејт департментот потсетува дека правата на руските граѓани на мирен собир и учеството на слободни и чесни избори е содржано не само во Уставот на земјата, туку и во руските обврски кон ОБСЕ, Универзалната декларација за човекови права и нејзините меѓународни обврски кон Меѓународниот пакт за граѓански и политички права.

САД ги повикаа руските власти да ги ослободат сите притворени поради кршење на нивните универзални права, како и моментно ослободување на рускиот опозициски лидер Алексеј Навални.

Исто така, и високиот претставник на ЕУ за надворешна и безбедносна политика Жозеп Борел изрази жалење поради „масовните апсења и употребата на прекумерна сила”.

– Во понеделник ќе разговараме со министрите за надворешни работи на ЕУ за идните чекори, напиша Борел на Твитер.

ЕУ побара Навални веднаш да биде ослободен. Повеќе земји членки и Европскиот парламент бараат воведување нови санкции против Русија, но за тоа е потребна едногласна одлука од сите 27 членки.

И претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел во телефонски разговор со рускиот претседател Владимир Путин побара ослободување на Навални и „целосно и безусловно почитување на неговите права”, изразувајќи „сериозна загриженост” на ЕУ.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот