САД го одбележуваат Денот на Мартин Лутер Кинг, во услови на пандемија и закани од насилство

Фото Архива на СП

Во САД денеска се одбележува Ден на Мартин Лутер Кинг- помладиот. Чествувањата по повод роденденот на еден од најпознатите лидери на Афроамериканците во САД, се случува во услови на глобална пандемија и потецијално насилство, во пресрет на инаугурацијата на Џозеф Бајден. 

Кинг е роден на 15 јануари 1929 година. Празникот се слави секој трет понеделник во јануари, со одавање почит на убиениот активист за човекови права кој во 1950-те и 1960-те години организирал мирни протести за рамноправност, а против расната нетрпеливост. 

Во нормални услови, празникот се одбележува со разни општествено-корисни проекти и собири, но годинава поради пандемијата и заканата од протести, физичкото празнување е целосно ограничено. 

Во Вашингтон во среда ќе биде инаугурацијата на Бајден.  

Поради вонредно засилените мерки за безбедност, пристапот до централното подрачје на Вашингтон е целосно блокиран. Националната алеја во градот, шеталиштето со споменици во чест на претседателите на САД, е затворена, и инаугурацијата ќе биде затворена за широката публика. Во градот, исто така, е ограничена работата на јавниот транспорт. 

Сепак, во чест на Денот на Мартин Лутер Кинг планирани се неколку настани кои ќе се оддржат во предградијата на Вашингтон. Во градот Рестон, Вирџинија некои жители на 36-то празнување се собираат за доброволно чистење на отпадоци и служење на оброци за бездомните. 

Некои настани се во онлајн формат. Театарот Фолгер, на пример, емитува виртуелна претстава со читање на говори на Кинг, Националниот музеј на афроамериканската историја и култура организира бесплатен виртуелен музички концерт. 

Во Атланта, Џорџија, Националниот историски парк именуван во чест на Кинг, каде е куќата каде тој се родил, исто така, го одбележува празникот виртуелно. Паркот е затворен од средината на март поради пандемијата. 

Еден од главните успеси на движењето за човекови правата на  Кинг бил мирниот протест, како алтернатива на вооружениот бунт. Кинг укажувал дека инспирација црпел од Махатма Ганди.  

Во 1964 година, како резултат на напорите на движењето на Кинг, претседателот Линдон Џонсон потпишал Закон за граѓански права, со што во САД се забранува расната сегрегација во јавните места, а Кинг добил Нобелова награда за мир. 

Една година потоа е реформиран Законот за избирачки права, со што се отстрануваат пречките за учество на Афроамериканците на избори. 

Мартин Лутер Кинг бил на возраст од 39 години кога во градот Мемфис, Тенеси во 1968 година, врз него е извршен атентат, каде тој агитирал во поддршка санитарните работници кои штрајкувале.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот