САД ги советува своите државјани да не одат кон аеродромот во Кабул

Аердром во САД Фото: EPA-EFE/MICHAEL REYNOLDS

САД денеска ги посоветуваа своите граѓани во Авганистан да не доаѓаат на аеродромот во Кабул, каде што една недела откако талибанците ја презедоа контролата во земјата, има илјадници луѓе кои сакаат да избегаат од неа.

Инструкциите на американските власти доаѓаат откако ко-основачот на талибанците, Мула Барадар, денеска пристигна во Кабул на разговори со другите лидери со цел да формира нова авганистанска влада, по молскавичното освојување на државата.

Од неделата досега во областа околу аеродромот загинаа најмалку 12 лица, соопштија претставници на НАТО и талибанското движење.

„Поради потенцијалните безбедносни закани пред влезот на аеродромот во Кабул, ги советуваме американските граѓани да избегнуваат патување до аеродромот, освен ако за тоа не добијат индивидуални инструкции од американските власти”, предупреди американската Амбасада во Кабул.

Талибански претставник денеска го повтори ставот од изминатите денови дека хаосот на аеродромот не е одговорност на талибанците. „Западот можеше да подготви подобар план за евакуација”, рече тој.

Официјален претставник на НАТО вчера сооопшти дека околу 12.000 странци и Авганистанци кои работеле за амбасади и меѓународни хуманитарни групи се евакуирани од Авганистан откако талибанските бунтовници влегоа во Кабул.

Извор: МИА

Видео на денот