Сѐ повеќе Руси сакаат мировни преговори со Украина

Протест против војната во Украина/ Фото EPA-EFE/LAURENT GILLIERON

Руските власти известуваат за пад на јавната поддршка за војната во услови на тековни порази на украинскиот фронт и мобилизацијата. Ова го објави независниот руски медиум Медуза, откако ги доби резултатите од последното затворено истражување на јавното мислење спроведено од Федералната служба за заштита (ФСО).

Ваквото истражување било нарачано од Кремљ и е наменето само за внатрешна употреба.

Според податоците, околу 55% ​​од Русите се за мировни преговори со Украина и само 25% се за продолжување на војната или како што ја нарекува во Русија – „специјалната воена операција“.

Овие бројки во голема мера се совпаѓаат со резултатите од октомвриското истражување на Центарот „Левада“ – единствениот голем независен социолошки центар во Русија. Во извештајот на „Левада“, 57 отсто од испитаниците се „за“ или „делумно за“ мировните преговори. За продолжување на воените акции се изјасниле 27 отсто од испитаниците.

Во исто време, судејќи според затворените анкети на јавното мислење на „ФСО“, односот на Русите кон војната неодамна нагло се влоши. Во јули 2022 година, анкетите покажаа дека само 30 отсто од Русите го поддржуваат мирот со Украина.

Според два извори на „Медуза“ блиски до претседателската администрација, руските власти планираат да го ограничат бројот на луѓе кои се незадоволно за рускиот став кон војната.

Директорот на центарот „Левада“, Денис Волков, пред публикацијата укажа дека бројот на Руси кои се залагаат за преговори со Украина почна забрзано да расте по објавувањето на мобилизацијата на 21 септември. Ова ја одразува неподготвеноста на граѓаните лично да учествуваат во непријателствата. Нивната поддршка за војната останува висока, но желбата за лично вклучување е прилично мала, анализира тој.

„Поддршката од почеток е декларативна на позадината на тоа што луѓето ја доживуваат како нешто што не ги засега. Сега ризиците се зголемени и луѓето сакаат веќе да почнат преговорите“, додава Волков.

Но, Украинците во моментов се во многу поповолна позиција на фронтот, откако го вратија Херсон, а претседателот Володимир Зеленски сака целосно повлекување на Русите од украинските територии за да седне на преговарачка маса.

Според социологот Григориј Јудин, зголемувањето на бројот на поддржувачи на преговорите најмногу е поради мобилизацијата. Според него, во есента Русите се соочиле со „уништување на нивниот секојдневен живот и чувство на опасност“. Како уште еден аргумент на Русите во корист на преговорите, Јудин го смета „губењето на вербата во победата поради поразите на фронтот и немањето убедлива теорија за тоа како точно ќе победи Русија“.

Според извори на „Медуза“ блиски до Кремљ, самите власти не веруваат дека во блиска иднина во Русија ќе се појават масовни антивоени демонстрации. Сепак, признаваат дека сега е „подобро да не се вжештува ситуацијата и да не се нервираат луѓето“. Според изворите Медуза, државните и провладините медиуми веќе добиле препораки „да не пишуваат на темата војна“ и да се фокусираат на „попозитивна агенда“.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот