Сѐ повеќе граѓани плаќаат за возење во автобус со мобилна апликација

Фото: Слободен печат/Драган Митревски

За да се избегнат чекањата и гужвите пред билетарниците на ЈСП „Скопје“, ова јавно претпријатие на патниците им нуди опција за плаќање на возењето во некој од нивните автобуси со помош на мобилна апликација, за која  купувањето билети за едно или за повеќе возења се врши по електронски пат.

Затоа, помладите патници што редовно ги користат услугите на ЈСП „Скопје“ и секојдневно или повремено се возат во автобус, многу често, наместо да одат до билетарница и да ја надополнуваат својата картичка „Скопска“, се одлучуваат своето возење да го платат со мобилната апликација, која практично ја заменува картичката за наплата во автобуските.

Сепак, користењето на овој тип апликација им задава одредени тешкотии на дел од граѓаните, особено на оние со постар модел на телефон, но и на повозрасната популација што користи услуги за превоз на ЈСП „Скопје“.

Од ЈСП „Скопје“ велат дека овој вид плаќање е многу едноставен, но пред сѐ, за да се користи мобилната апликација „Скопска“, мобилниот апарат треба да има вграден NFC (Near field communication) интерфејс, преку кој ќе се врши безжичната трансакција (валидација) на билет.

За плаќање/валидација на билет преку мобилната апликација „Скопска“, се избира менито билети и телефонот треба да се доближи до валидаторот (како при плаќање со електронска картичка). Во случај корисникот на апликацијата да има надополнето повеќе типови билети, при валидација се одзема билет по „приоритет“ како при валидирање со „Скопска“. На пример, доколку корисникот има месечен билет и билет од 10 возења, се валидира билет од месечниот билет. Доколку корисникот има билет за 10 возења и средства на електронскиот паричник, се валидира билет од тој со 10 возења – ја објаснуваат постапката за плаќање во автобус со мобилна апликација од ЈСП „Скопје“.

Од ова јавно претпријатие за оние патници што досега од најразлични причини не ја користеле оваа нивна услуга, објаснуваат дека цената на билетите е иста како и цената на билетите на електронската картичка. Сепак, како што велат, апликацијата не е во целост функционална, односно неопходно било таа до целосно пуштање во употреба да мине низ фази на тестирање, надградба, отстранување на техничките проблеми и слично. Токму тука се лоцираат и одредените тешкотии што ги имаат одредени корисници при инсталирање на апликацијата или при наплата на возењето за автобус.

Можноста за плаќање билет со мобилната апликација „Скопска“ е овозможен пред околу една година. Наскоро апликацијата ќе стане функционална во целост, а ќе биде достапна и за корисниците на мобилни телефони што користат оперативен систем ИОС. Засега таа е развиена само за оперативен систем Андроид. Инаку, покрај опцијата за плаќање билет, мобилната апликација нуди и низа други поволности како: информација за возен ред за избрана постојка, информација за возен ред за избрана автобуска линија, мапа/опис на траси на автобуските линии, планер на рута и слично – објаснуваат од ЈСП.

Надополнувањето на средства во мобилниот паричник се прави преку повикување на менито „Надополни средства“ при што преку лизгачкото мени се избира вредноста што сакаме да ја надополниме преку кредитна картичка. Потребна е дополнителна потврда дека се согласуваме со условите за банкарска провизија, пред да се прикаже финалното мени за онлајн трансакција, во кое се внесуваат податоците за кредитната картичка од која ќе се врши надополнување. Доколку трансакцијата заврши успешно, моменталната состојба на мобилниот паричник ќе се зголеми за нето-вредноста што сме ја избрале за надополнување. Како што се наведува во Упатството за користење на мобилната апликација, средствата што се надополнуваат во мобилниот паричник исклучиво може да се користат за купување билети за јавен градски превоз и не можат да се рефундираат.

Во менито „билети“ кое се наоѓа во апликацијата, пак, прикажан е статусот на активни билети – продукти (доколку ги има) и историја на сите трансакции (надополнувања и купување билети). Од ова мени може брзо да се пристапи кон купување на некој од постојните типови билети, а плаќањето на билетот може да се направи на два начина, и тоа директно со кредитна картичка или преку мобилниот паричник, доколку корисникот има доволно средства на него.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот