Сѐ повеќе ученици во Словенија заинтересирани да го изучуваат македонскиот јазик

Фото: МИА

Расте бројот на ученици во Словенија кои сакаат во основните училишта факултативно да го учат македонскиот јазик. Ако лани беа десетина, оваа година бројот на пријавени деца е зголемен, па во овој момент 56 основци од седум градови во Словенија го учат македонскиот јазик, јави дописникот на МИА од Љубљана.

Најголем дел тоа се деца на нашинци кои живеат и работат во Словенија, но интересен е фактот што оваа година првпат се запишале и ученици Словенци, кои сакаат да го запознаат и научат македонскиот јазик, а со тоа и македонската култура. Мотивот е најчесто пријателство, односно нивните другарчиња се Македонци.

Часовите ги држи наставничката Снежана Катарова, која неделно патува во седум различни градови да држи часови. Поради се поголемиот број ученици заинтересирани за учење македонски јазик, од Министерството за образование и наука на Северна Македонија веќе се побарани средства за ангажирање на уште еден наставник.

Амбасадата на Република Северна Македонија во Словенија, денеска организираше новогодишен прием за деcата кои учат македонски јазик. Амбасадорката Сузана Зеленковска им ги даде новогодишните пакетчиња, а тие за возврат направија мала новогодишна приредба.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот