Сѐ е чисто, сѐ е супер!

Анета Стојковска / Фото: Слободен печат

Во државава има Закон за управување со отпад, има и правилник за начинот на постапување со отпад од азбест, но нема доволно инспектори кои будно ќе го следат спроведувањето на она што го напишал законодавецот.

Уривањето на една барака во Тафталиџе, за на нејзино место да се изгради нов објект, го запали црвениот аларм кај граѓаните, особено на оние што живеат во нејзината околина. Старата барака, изградена по земјотресот од материјали кои содржат азбест, беше урната со багер, откако претходно, по укажување на соседите рачно биле отстранети само брановидните азбестни плочи од покривот. Потоа багерот ја довршил работата и уште со првиот удар врз ѕидовите на објектот ја загадил целата околина и го загрозил здравјето на граѓаните.

Сега опасните и канцерогени азбестни влакна ги има насекаде – по дворовите, на фасадите на околните куќи, на прозорците, во домовите на луѓето. И во луѓето! Остануваат тука неповратно за постепено да го уништуваат нивното здравје.

И – никој не е виновен, никој нема да биде повикан на одговорност, затоа што надлежните тврдат дека сѐ е направено според правила и прописи. Сѐ е чисто! Сѐ е супер! Така утврдиле општинските инспектори, кои според локалната власт, три дена истражувале на теренот и заклучиле дека азбестните материјали се отстранети рачно, по утврдениот протокол за одложување опасен отпад, за што им посведочил транспортниот лист и документацијата за приемот на отпадот во „Дрисла“.

Она на што соседите биле сведоци, што го виделе, го фотографирале и искусиле е неважно. Иако, едната од нив, која алармираше за случајот и до општинската власт и до јавноста – се појави со видливи последици од  изложеноста на азбестот, со отечени и зацрвенети очи.

Азбестот спаѓа во исклучително опасен и канцероген отпад, па не залудно се пропишани мерки за заштита и за тоа како треба да се постапува со него. Материјалите кои содржат таков материјал се разединуваат на азбестни влакна во случај на шмирглање, брусење или при нивно неправилно отстранување и преку воздухот  се внесуваат и таложат длабоко во белите дробови. Тука остануваат прикриени со години за подоцна да предизвикаат сериозни болести.

Во државава има Закон за управување со отпад. Има и Правилник за начинот на постапување со отпад од азбест и со отпад од производи што содржат азбест. Сѐ е убаво ставено на хартија. Но, нема доволно инспектори кои будно ќе го следат спроведувањето на она што го напишал законодавецот. Нема кој да го врши мониторингот додека трае процесот, а не отпосле.

Едно истражување кое минатата година беше спроведено за состојбата со општинските инспекциски служби покажа дека општините немаат ниту човечки, ниту финансиски капацитети  за да организираат ефикасна инспекциска служба на локално ниво.

Поради тоа инспекторите работат најчесто по повик на граѓаните, но друга работа е колку притоа се зема предвид зборот на граѓаните наспроти оној на инвеститорите и изведувачите. И тоа не е само во случајот со азбестот. Така никнуваат и дивоградби, кои инспекторите ги проверуваат дури откако случајот ќе се обелодени во јавноста; така се создаваат диви депонии без никаква контрола; така владее вистински хаос во сите комунални и инфраструктурни сфери во градот.

Недоволниот број инспектори не може да биде оправдување во време кога еколошкото постапување станува приоритет во целиот свет. Особено не за држава и град, кои се загрижени за своите граѓани и чие постапување во корист на истите тие граѓани мора да биде сериозно и одговорно.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот