Сѐ е исто, само него го нема…

Фото: Манчо Митевски / Слободен печат/Архива

Сега, владата на Мицкоски го има истиот пристап, ги декларира истите приоритети и ги прави истите гафови и афери што ги правеше неговиот патрон Груевски пред осумнаесет години.

„Од првата седница на новоформираната Влада, настаните на македонската политичка сцена се сменуваат како на филмско платно. Поради својата, во најмала рака, контроверзност, тие се или афера или на границите на афера. Владата од која многу се очекува, стартуваше со разрешувања на функционери што раководеа со институциите.
Владата диктира темпо, но, за жал, нејзина и на граѓаните, не во насока од она што го декларираше. Затоа, иако се далеку стоте дена на толеранција што обично ѝ се даваат на секоја нова влада, поради брзото темпо на настани, случувања, грешни проценки и гафови, добронамерните анализи и укажувања се добредојдени со цел премиерот да направи корекции и во негов интерес, и во интерес на државата и на граѓаните. Во оваа пригода би издвоил неколку неповолни состојби и трендови, кои беа манифестирани во досегашното функционирање на владејачката структура. Во прв ред, настојувањето да се направи дисконтинуитет со претходната власт – кадровски, институционален, функционален и во сите сфери да се почне од почеток. Второ, сè повидливата внимателност, па дури и скепса кај меѓународниот фактор околу потезите и проектите на Владата. Трето, дискутабилниот однос на Владата кон државните и националните стратешки цели.
Следејќи го досегашниот след на активности, одлуки и потези на Владата, несфатливото и со закон непоткрепено менаџирање на разрешувањата, интервенционизмот, вмешувањето во непотребни сфери, фингирањето на процеси и особено невоспоставувањето дијалог со ДУИ, најрелевантна партија на албанската заедница, на површина се појавува една многу неповолна карактеристика за Владата. Поточно, Владата во остварувањето на своите приоритети и замисли малку води сметка за процедурите, а кога се знае дека процедурите се суштината на демократијата и на правната држава, тогаш следува непријатната дијагноза дека Владата во почетната фаза од своето работење манифестира очигледен недостиг на демократски капацитет. Проблемот станува уште посложен кога кон тоа ќе се додаде се почестата употреба на макијавелизмот, односно дека ‘целта ги оправдува средствата’.
Несфатлив и необјаснив е односот на Владата кон стратешката цел на Република Македонија – евроинтеграцијата или, поточно, датумот за почнување преговори со ЕУ.
На крајот и нешто околу приоритетите. При формирањето, Владата како приоритет над приоритетите ја набележа економијата. Неа ѝ подреди сè, притоа побара општ консензус за ова прашање, а мораториум за политичките и за меѓуетничките прашања. Според експонентите на новата власт, добрата економија ќе ги решела сама по себе сите политички, но и меѓуетничките проблеми и прашања. Премиерот направи грешка во процената. Таа лоша процена сега му се враќа како бумеранг. Глава не може да крене од етничките и политичките проблеми, кои доминираат. Економијата стои, како за неа да е прогласен мораториум! Ако сака да ги надмине сиве овие проблеми, премиерот мора да направи прераспределба на приоритетите. Притоа ниту еден проблем не треба да го потцени или прецени. Со сите мора рамноправно да постапува и балансира. И да не заборави дека треба да си ги нормализира односите со ДУИ“.
Ова не се констатации за владата на Христијан Мицкоски, туку за владата на Никола Груевски. Цитираните констатации се дел од мојата колумна, која е објавена во „Утрински весник“, на 13 октомври 2006 година, само еден и пол месец по формирањето на владата на Груевски, под наслов „Владата нема демократски капацитет“. Сега, владата на Мицкоски го има истиот пристап, ги декларира истите приоритети и ги прави истите гафови и афери што ги правеше неговиот патрон Груевски пред осумнаесет години. Значи, сè е исто, само него го нема (но, тој може и од Будимпешта)!
Кон ова веќе видено пред многу години, треба да се додадат уште неколку битни елементи што ги поврзуваат поранешните со актуелната вмровска власт. Новата власт за неполни сто дена беше креатор или ѝ се случија стотина гафови, афери, контроверзии, неосмислени политики и потези… Владеењето почна со кршење на Уставот и меѓународните договори, со што за миг се поткопа тешко стекнатата меѓународна позиција на земјата. Следуваше експресно партиско преземање на сите институции. Се прават обиди за упад во судската власт. Не се исполнуваат ветувањата кон најбројните социјални категории – пензионерите (во првите сто дена зголемување на пензиите за 5.000 денари), административците (зголемување на платите), работниците/синдикатите (се напаѓа неделата како неработен ден, минималната плата и слични стекнати права). Се зема голем кредит од држава (Орбан) за да се потхранат вмровските општини за локалните избори, со можност истовремено и за предвремени парламентарни. Се влошуваат меѓуетничките односи.
Се манифестираат авторитарни тенденции кај премиерот и партиски лидер, кој се опкружи со некапацитетни послушници. Тој зборува во прво лице еднина, му се обраќа директно на „народот“, се разбира од сѐ и за сѐ е „математички прецизен“, неговите го цитираат и глорифицираат, а тој веќе не се контролира што кажува. Практикува популизам, па кога му одговара како власт покажува и „мускули“ или се однесува како уште да е опозиција… Тешко е да се најде во македонската политичка историја лидер со така низок политички и државнички капацитет (Глигоров, Трајковски, Црвенковски, Георгиевски, па и Груевски, во однос на него се политички гиганти!). Сè на сè – амбиент за повторно инсталирање на системот на владеење на ВМРО-ДПМНЕ и заробување на државата!
ВМРО-ДПМНЕ направи коалиција со радикални националисти од албанскиот кампус, слично како и своевремено Груевски, кои сега заговараат заедница на албански општини, албанска академија на науките и уметностите, одржуваат верски обреди во парламентот и слично во уставно лаичка држава, за вицепремиер постави докажан путинист, а од македонскиот кампус партнер му е партија, за која политичката чаршија вели дека зад неа стои бившиот лидер на СДСМ и која идеолошки дејствува, каков апсурд – од некакви национал-социјалдемократски позиции!?!
Вмровците милуваат своите изборни програми да ги китат со бројки. Груевски настапи со „Преродба во 100 чекори“, а Мицкоски со „Платформа 1.198“. Разликата е во тоа што во подготовката на Мицковата „платформа“ учествувале и експерти од партијата на Орбан. Во суштина овие програми се засноваат на прагмата, односно се кажува она што сака народот да слушне, а не дали тоа е реално остварливо. Во овој контекст, Љ. Георгиевски и В. Тупурковски изборно ја ветија „милијардата на Циле“ (се инвестираше во неколку „кокошарници“, но се нарушија односите со Кина, се повлекоа силите на УНПРЕДЕП од границата, а Македонија остана на ветрометина за упади од Косово, па се случи воената 2001 година!). Груевски отиде понатаму и вети осум милијарди инвестиции (близу милијарда „фрли“ за антиквизациското „Скопје 2014“). Притоа, според релевантни меѓународни финансиски институции, во странство беа изнесени околу 5 милијарди евра буџетски пари. Сега Мицкоски, да не остане подолу, вети милијарда кредит од Орбан (Орбан парите ги зел на кредит од Кина!), а ќе ја искористи за изборни потреби!
Дисконтинуитетите на ВМРО-ДПМНЕ се правило. Тие сакаат секогаш сè да почнува од нив. Тоа се случи во 1998: Георгиевски – Тупурковски направија радикален дисконтинуитет со сѐ што работела претходната власт, во 2006 тоа го направи Груевски, а сега, во 2024 година, и Мицкоски. Радикалните дисконтинуитети значеа растурање на системите на образование, здравство, безбедност, меѓународна политика, на моралот…
Груевски со еден правен акт, наместо поединечно решение за секој, разреши неколку стотици раководители на институции на државно ниво. Мицкоски тоа го направи во првите денови од владеењето, веројатно со поединечни акти за секого.
Груевски со години му ветуваше на меѓународниот фактор дека ќе го смени името, и постојано ги лажеше, па го снајде она што го снајде. Слично прави и Мицкоски, надвор ветува, а дома зборува дека ќе ги подобри Договорот со Грција и Спогодбата со Бугарија во разговор со нивните лидери, но тие не сакаат ни да слушнат да се сретнат со него, а САД и ЕУ велат дека потпишани и меѓународно ратификувани договори не можат да се менуваат поради волјата на една страна. Груевски требаше да донесе три-четири закони за земјава да добие датум за преговори со ЕУ, а Мицкоски да ги внесе Бугарите во Уставот, но двајцата тераа инает, па затоа, и тогаш и сега, Македонија е изолирана и замрзната држава!
Љ. Георгиевски вети приоритет за економијата и благосостојба на народот. Во земјата релаксирани меѓуетнички односи – метафизички како постојна состојба. Позитивна енергија со соседите, исто така како свршен чин. Груевски декларираше приоритет на економијата и стави мораториум на меѓуетничките односи. Мицкоски буквално, го декларираше истото! Сегашната состојба, професорот и аналитичар Денко Малески, вака ја коментира: Откога искористи сè што можеше да искористи од темата за „потчинетиот Македонец“ за да ги добие изборите, власта на ВМРО-ДПМНЕ сака сега да прогласи мораториум врз етничките теми. Но, спиралата на националистичкото наддавање што ја започна партијата на македонските националисти не запира со нејзиното доаѓање на власт. Сега ДУИ трга во истиот поход со слоганот за „потчинетиот Албанец“.
Груевски и Мицкоски во своите јавни настапи ги сатанизираа политичките ривали од опозицијата нарекувајќи ги, без никакви докази, криминалци, предавници на националните интереси, притоа објаснувајќи – „со какви луѓе имаме работа“! Зборуваа и дејствуваа за уништување на секоја друга идеолошка опција од нивната, а веднаш потоа повикуваа на обединување! Во моментов ни се случува апсурдната состојба – што е вмровска карактеристика, крадците да трчаат и да викаат „држ’те ги крадците“! Партијата што ја зароби и ограби државата, обвинува за криминали и декларира дека се бори против криминалите (десетици високи функционери од власта на Груевски, со него на чело се обвинети и осудени), а поради неукоста или којзнае какви други побуди на поранешната власт на СДСМ и ДУИ, се амнестирани!
За жал, ништо од она што го ветуваа претходните вмровски влади не се оствари. Напротив, Македонија доживеа две големи катастрофи – со првата на Георгиевски ѝ се случи војна во 2001 година, со идеја на премиерот за поделба и размена на население и територии, што за среќа не се оствари. Со втората, на Груевски – заробување и ограбување на државата со политички и класичен организиран криминал. Сега со Мицкоски, според стартот, можеме само да претпоставуваме што може да се случи. Едно е веќе јасно, многу ветуваат, малку остваруваат! Тоа, иако не се поминати ни сто дена од владеењето, го забележуваат не само политички неопределените граѓани, туку и обичните вмровци.
За земјава во моментов постои само една алтернатива: внатре во земјата да се спроведува стратегијата: едно општество и рамноправност за сите во општествениот живот, без разлика на политичка, национална, верска и статусна позиција, а надвор, со оглед на актуелните состојби, реафирмација на доктрината на Глигоров – позитивна еквидистанца со соседите (сега сме скарани речиси со сите, освен со едни). Македонија мора да се врати на примарните приоритети поставени при осамостојувањето на државата: едниот, со влезот во НАТО, е веќе остварен. Треба да се забрза другиот за влез во ЕУ. Третиот, подразбира просперитетна правна држава на рамноправни и задоволни граѓани од својот економски, етнички, верски и културен статус.
Некој треба да му каже на Мицкоски дека тој, како премиер, одговара за вкупните состојби во земјата и така треба да се однесува: да не ветува мед и млеко како власт и да не кажува и измислува работи како да е опозиционер, без да ги образложи и документира. Сѐ надвор од тоа е гол популизам и злоупотреба на позицијата и моќта на власта, што законски се санкционира!

(Авторот е новинар и публицист)

ЈАЗИКОТ НА КОЈ СЕ НАПИШАНИ, КАКО И СТАВОВИТЕ ИЗНЕСЕНИ ВО КОЛУМНИТЕ, НЕ СЕ СЕКОГАШ ОДРАЗ НА УРЕДУВАЧКАТА ПОЛИТИКА НА „СЛОБОДЕН ПЕЧАТ“

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот