Ружин за „Слободен печат“: Акцискиот план е можност за исчекор после март

Нано Ружин / Принтскрин / СП. архива

Без разлика чиј е предлогот за акциски план, добро е што Македонија и Бугарија разговараат, вели за „Слободен печат“ професорот Нано Ружин,  поранешен амбасадор во НАТО. Тој додава дека до март нема шанси Бугарија да ја смени својата позиција, но разговорите мора да течат.

Добра вест е што Македонија продолжи да преговара, со тоа се покажува дека „не сме мртви“ за разлика од времето со спорот со Грција кога тие преговори постојано беа прекинувани. И покрај ова раздвижување, кое е добро, јас лично сум скептик дека до изборите во март во Бугарија нешто битно ќе се промени. Македонското прашање веќе длабоко е дел од реториката во нивната кампања, политичарите оваа тема долго ја топлат за да може наеднаш да го сменат мислењето или да направат отстапка. Сега ја свртеа играта со акцискот план и тој план е добра подлога после изборите да се дојде до некакво решение. Добро е да здивнеме до март, но лошо ќе беше ако се прекинеше секаква комуникација. Бугарија е под притисок од ЕУ, таа пред Унијата себеси се правда со образложенија дека тие сакаат, ама Скопје не сака решение и затоа мораме да продолжиме да разговараме со нив – вели Ружин за „Слободен печат“.

Тој смета дека потпишување на каков било анекс кон договорот не е добра идеја, туку со тоа „би настанал хаос“, а акцискиот план е солидна основа.

– Ние како јавност не сме информирани за содржината на тој акциски план, но претпоставувам дека во него има предвидени нешта што може побрзо да се спроведат, како и активности на среден и на подолг рок за реализација. По изборите, работите за нашата евроинтеграција би требало да се поместат. Португалија можеби не е заинтересирана да го турка проширувањето на ЕУ високо на агендата, но тука е Европската комисија, која е премногу заинтересирана. Таа немаше многу успеси минатата година со кои може да се пофали. По усвојувањето на буџетот за кој имаше противења и по брегзит ЕК мора да се соземе, да се консолидира и да ја прошири својата геополитичка зона. Моќни сили туркаат кон проширувањето – вели Ружин.

Македонскиот владин претставник Владо Бучкоски вчера во Софија од министерката Екатерина Захариева доби коментари на акцискиот план што македонската влада ѝ го предложи на Бугарија минатиот месец, а со кои треба да се врати довербата меѓу двете земји и да се забрза спроведувањето на Договорот за добрососедство од 2017 година.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот