Ружица Јосифовска, уметница и супербабичка: Жена која не можете да не ја сакате и да ѝ се восхитувате

Уметничкиот пат на Ружица Јосифовска започнал од нејзината четригодишна возраст кога сè уште траела Втората светска војна, а оваа исклучителна жена и денес, на 81-годишна возрст, е неумона, креативна и активна.

Ружица Јосифовска е една од петте жени кои ја добија годинешната награда „Жени за жени“ (WOW) за жени херои од нашето секојдневие, во организација на Здружението на граѓани за промоција на женска активност „Тииит! Инк.“ Ружица, родена во 1938 година,  е ликовен педагог и уметница од Кавадарци, работела како учителка по ликовна уметност во Кавадарци, и во текот на целиот свој работен век едуцирала многу генерации ученици. И денес, на 81 годишна возраст, таа е неуморна и активна, особено во рамките на заедницата на пензионери каде што секојдневно го збогатува културно забавниот живот на возрасните луѓе.

Во Скопје завршила Средно музичко училиште, била една од најдобрите студенти на уметниците и професори Љубомир Белогаски и Лазар Личеноски. А потоа, поради љубовта на својот живот, сопругот Јово, се преселила во Кавадарци. Меѓу бројните признанија и награди добила и Медал за труд од Јосип Броз Тито. Била и пратеничка во Собранието за време на СФРЈ, од 1982 до 1986.

Не би ја менувала средината, уметникот секаде може да твори.

– Мојот уметнички пат започна од мојата четврта година, кога сè уште траеше Втората светска војна. Беше тешко, немавме ништо, а имавме големо количество оружје и муниција кое го собиравме по полињата, од куршумите го вадевме барутот, го ставаме во фишеци од хартија и така цртавме на бетон. Потоа ќе го запалевме, кога ќе изгореше на бетонот остануваше цртежот, – се сеќава нашата соговорничка Јосифовска и додава дека секогаш талентот диктира со што и како ликовно ќе се изразиш.

Во тоа далечно тешко време во кое немавме ништо, од куршумите го вадевме барутот, го ставаме во фишеци од хартија и така цртавме на бетон. Потоа ќе го запалевме, кога ќе изгореше на бетонот остануваше цртежот.

За Ружица секој ден започнува со отворање на социјалната мрежа Фејсбук, а користи и Скајп. Вели дека добро се чувствува во контакт со семејството.

– Имам пет возрасни внуци и три правнуки, сите се високо образовани и имаат убави работни места. Правнуките се мали и носат голема радост, едното е прваче и две се помали. Со компјутерот научив да ракувам од внуците. Сега пак, изолацијата е нужно зло, не можеме да делуваме и ќе се однесуваме така како што се прописите, – продожува таа.

Ружица сѐ уште активно слика и црта, а до пред коронакризата и изложувала. Употребува исклучиво еколошки бои, а чести мотиви на нејзините преубави слики се старата атхитектура и фолклорот.

Вели дека никогаш не би ја менувала средината, сметајќи дека уметникот секаде може да твори. A колку е сакана и почитувана од пријателите и познаниците, доволно е само да ја „разлистате“ нејзината Фејсбук страничка на која ќе налетате на бројни коментари од типот „ти си гордост на Кавадарци“ или „тебе не може човек да не те сака“, како и на куп испратени срциња.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот