Русковска за Дојче Веле: Не штитам никого, никој не ми се јавил за да влијае да постапувам вака или онака

Досега никој не ми се јавил за да влијае да постапувам вака или онака, или за да не постапувам“, тврди обвинителката Вилма Русковска, по вчерашните опозициски обвинувања дека Обвинителството штити некого, пишува Дојче веле.

Лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, ги обвини обвинителството и судовите во неговото обраќање на вчерашниот протест против неправдата, осврнувајќи се на аудио-снимката во која се слуша гласот на поренешниот премиер и лидер на СДСМ, Зоран Заев, снимка што ја презентираше нивниот пратеник, Антонијо Милошоски, а вчера и ја достави до Обвинителството, Мицкоски изрази незадоволство од постапувањето на Обвинителството.

– И еве, поминаа повеќе од 48 часа, а нема никаква, никаква суштинска реакција ниту од Рускоска, ниту од било кој друг. Ако Заев е „капо де тути капи“ на мафијата, главните советници и верни заштитници на неговиот криминал се Вилма Рускоска и Љубомир Јовевски, запаметете ги овие имиња. А, гледаме дека ништо помалку не биле ни тие од Врховниот суд, врховните судии. Нивните усти се замолкнати, додека ни се уништува државата, додека ги губиме институциите. Овие двајца, плус уште неколку врховни судии засилени со уште неколку медиумски слуги кои не се новинари, а така се претставуваат, се единицата за брза интервенција за спасување на Зоран Заев – обвини Мицкоски.

Не штитам никого

Постапувам за оваа пријава исто како што постапувам и за секоја друга, вели за ДВ, обвинителката Вилма Рускоска.

– Вчера Антонијо Милошоски ме праша каква е понатаму процедурата со аудио-снимката што ја достави. Направив една паралела. Кога Јордан Камчев дојде да поднесе пријава, достави аудио и видео снимки, а при поднесувањето на записникот за кривичната пријава посочи и лица кои би можеле да посведочат за веродостојноста на тоа што тој го кажува. И додека се чекаше вештачењето на материјалите што ни ги достави, лицата што ги посочи беа повикувани да дадат исказ. Му сугерирав и на Милошоски – ако може да посочи сведоци, бидејќи така многу би се забрзала постапката – вели обвинителката Рускоска.

Првата аудио-снимка што ја доставил Милошоски веќе била на вештачење, а вчера била испратена и втората. Во однос на тврдењата дека преку снимки од видео надзорот во зградата на Владата лесно може Обвинителството да утврди со кого се среќавал и разговарал Заев во мај (периодот на разговор од аудио-снимката), обвинителката вели дека е тоа е лесно, но ако имаат сознанија кој ден била посочената средба, имајќи предвид колку луѓе дневно влегуваат во премиерскиот кабинет, а камоли во текот на цел месец.

Рускоска ги отфрла опозициските обвинувања дека Обвинителството штити некого или дека работи под нечиј диктат.

– Најискрено ви кажувам, досега никој не ми се јавил за да влијае да постапувам вака или онака, или за да не постапувам – тврди обвинителката.

На прашањето дали можеби владее автоцензура или одредена инхибираност кога се во прашање постапки во однос на лица од власта, Рускоска е децидна: „Апсолутно не!“

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот