Руското МНР прашува: Зошто има грб на Црна Гора на влезот од „Палатата на Путин“?

Министерството за надворешни работи на Русија запраша денеска како грбот на Црна Гора заврши во филмот „Палатата на Путин“.

„Дали западните истражувачки новинари веќе истражиле зошто во американско- германскиот „филм“ влезот во таканаречената „Палата на Путин“ е украсен со грбот на Црна Гора“, пишува во твитот на Министерството.

Грбот на Црна Гора се појавува и во лифтот на палатата.

Рускиот опозиционер Алексеј Навални и неговиот тим пред десетина дена објавија видео и фотографии на кои, како што тврдат е палата на Црно море вредна 1,35 милијарди долари изградена за Путин.

Кремљ ги демантираше обвинувањата на Навални и наведе дека тие се со цел на Русите да им го „перат мозокот“ и да ги поттикнат на протести.

Руската државна телевизија објави снимка од зградата на која течат работи и наведе дека е „далеку од луксузот кој го опишува Навални“.

Сојузниците на Навални тврдат дека работите траат во резиденцијата поради градежни пропусти и повторуваат дека Путин е нејзин вистински корисник.

Милијардерот Аркадиј Ротенберг, близок до претседателот на Русија Владимир Путин, рече дека тој е сопственик на палатата за која опозицискиот лидер Алексеј Навални, кој е во затвор, тврди дека ја користи рускиот претседател.

„Пред неколку години успеав да се договорам со управниците и станав сопственик на тоа здание“, рече Ротенберг, соопштија од неговата канцеларија.

Тој е познат и како поранешен партнер на Путин во џудо.

Извор: Вијести

Видео на денот