Рускоска – Јанева, 1:1 (Кичеец исклучен од игра)

Сашо Орданоски. / Фото: Слободен печат

Од театарот на првиот ден од почетокот на судењето за случајот „Рекет“ има само една супстанцијална вест: обвинителката Рускоска објави дека брачниот пар Јордан и Ана Камчеви се оние кои, преку Кичеец, се поврзале со Боки 13. Не обратно. Интересно е да се дознае како е, всушност, во овој контекст, формулирано признанието на вината од страна на Кичеец, долгогодишниот близок соработник на г. Камчев во најразлични бизнис и правни зделки за стекнување МНОГУ значителни користи во минатото.

Ми се чини дека, како во шахот, и во ова судење важен дел од времето ќе се посвети на докажување на темпото на настаните и иницијативата во нив, за конечна победа во партијата. Оти, знаете како се конструираше во јавноста до сега прикаската за „Рекет“: тројцата обвинети се организирале во криминална група за да бараат рекет од Камчеви… Сега од Рускоска, уште во воведниот говор, дознаваме дека како да ќе било спротивното: овие што имале мака се обратиле за помош? … Во судењето, имено, ќе треба да се докаже кој и кога понудил или побарал пари за помошта, за да сфатиме со кого си имаме работа во понатамошниот расплет на овој судски трилер.

Оти, како и во филмовите, за жанрот драма да прерасне во трилер, потребно е да се појави барем еден елемент кој на текот на настаните ќе им даде сосема неизвесен исход: на пример, кога во разговор за помош за нечија мака (драма), ќе додадете елемент, да речеме, на понудени или побарани пари или на вперен пиштол во нечија глава (трилер), тоа на тој веќе драматичен разговор ќе му даде неочекуван елемент на потполна трилер-неизвесност!

Еве, за илустрација, за да се разбере подобро: обидете се дома да ја прашате сопругата дали е вистина дека има швалер (драма!), но кога ќе почне да одговара, ставете ѝ пиштол на челото – истите луѓе, истото прашање, истата семејна драма, којашто само во една секунда прераснува во потполн трилер… Со тој елемент на неизвесност (вперениот пиштол) којзнае како ќе заврши разговорот за првичната „мака“ за евентуалното сопружничко неверство.

Нема поглупаво нешто од прогнозирање на исход на некое судење, уште пред тоа асолно и да започне. Овдека, во воведните говори, се најавија признанија, докази и контра-докази што никој не може да претпостави каде, и по вкрстените прашања на обвинението и одбраната, ќе го одведат разрешувањето на случајот. Во неколку наврати предупредував дека, токму во таков контекст, Обвинителството и, наводните, жртви на рекетирањето, со исклучително агресивен, но елабориран медиумско-озборувачки пристап, си создадоа нефер предност во јавноста, во која обвинетите се прогласија за виновни многу пред процесот да почне и да дознаеме што, всушност, се случувало, и кој сè и како е замешан во тоа.

Рускоска, самоуверена како и секогаш, од самиот почеток на судењево ја подигна „пречката“ многу високо, одржувајќи не само правна тирада во судницата, туку – со тешкотија криејќи го личното нетрпение кон бившата шефица на СЈО – и политички говор надвор од судот, за тоа дека „чарлиевата ангелка“ Јанева (која не заборави на судиите да им ги спомне „истресените гаќи“ од Рускоска) ги изневерила очекувањата на професијата и „довербата на народот“. Така што, бидејќи Јанева е веќе завршена со својата обвинителска кариера, без разлика на пресудата, доколку Рускоска, пак, не успее да ја докаже нејзината вина – и самата ќе мора да си замине од својата функција во Обвинителството, бидејќи очекувањата на народот, сега од неа, се многу големи.

Влоговите во оваа судска драма тукушто прераснаа во вистински судско-политички трилер. По првото соочување на Обвинителството и обвинетите, резултатот е 1:1. Има уште 89 минути за играње.

Кичеец замина во соблекувалната, со „чалма“ на главата, во договор со Рускоска. (А можеби и со оној што имал мака?)

Извор: Цивилмедиа.мк

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот