Руските медиуми изненадени: Србија купува кинески ракетен систем наместо С-300

Фото: Принтскрин/Минобороны России

Спутник пишува дека купувањето оружје секогаш е и политичкото прашање, поради што Србија мора да балансира и да избегне американски санкции. 

Повеќето руски медиуми изразија изненадување од одлуката на Србија за купување на кинескиот ракетен систем за противвоздушна одбрана ФК-3, а во придружните коментари, постои и разочарување што не е нарачано руското оружје С-300.

Како што се наведува во неколку текстови, руските автори ги информираат читателите дека Србија се определила за ФК-3 „наместо рускиот С-300″, поставувајќи го сето тоа како да е веќе договорена зделка, а не како последица на интензивното пишување на некои српски медиуми, анализира порталот Балканска безбедносна мрежа.

– На неколку места постои став за изневерени очекувања и оценки дека Србија се поставила како поделена личност, затоа што во исто време негува пријателство со Русија, се стреми да се придружи на Западот, а купува оружје од Кина, наведува порталот Балканска безбедносна мрежа.

Веб-страниците како „Лента.ру“ и „АЕКС.ру“ наведуваат дека Србија „и покрај желбата на мнозинство од населението“ наместо С-300 го купила кинескиот ракетен систем, иако според неименувани и неофицијални воено-дипломатски извори од Москва, имало преговори за набавка на системот С-300 ПМУ-2 следната година.

Руската „Газета.ру“ потсетува дека Србија по набавка на артилерискиот ракетен систем „Панцир С-1Е” во медиумите изразувала интерес за набавка на С-400, а порталот известува и за детали во кои српскиот претседател Александар Вучиќ на прашањето дали ќе дојде до набавката, кажал дека „нема пари за такво нешто“ и дека Србија ќе „штеди“.

Весникот го цитира и директорот на Центарот за стратегиска анализа, Руслан Пухов, кој верува дека Србија добила многу поволни финансиски услови од Кина за набавка на ФК-3, веројатно во форма на безкаматен кредит, затоа што на Кина и е важно воената опрема да ја пласира на пазарот на „реномирани земји“ од европскиот континент.

Гласот на Америка на руски јазик со неутрален тон известува за аквизицијата и потсетува дека таа претставува продолжение на воената соработка со Кина започната за време на набавката на беспилотните летала CH-92, иако Србија традиционално се потпирала на Русија, набавувајќи од таа земја авиони, тенкови и оклопни транспортери.

Руската новинска агенција „Спутник“ во текстот на српски јазик, инсистира на тоа дека кинескиот ФК-3 има „потекло“ од рускиот С-300, кој таа земја го купила во 90-тите години и ги цитира претставниците на српската експертска јавност, дека купувањето оружје секогаш е и политичкото прашање, поради што Србија мора да балансира и да избегне американски санкции.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот