Рускиот тим го претстави Рајковиќ: Да се биде тренер на ЦСКА претставува голема чест и одговорност 

Принтскрин/Твитер

Македонската кошарка денеска има причини за радост, Македонец седна на клупата на еден од најголемите клубови и неколкукратен европски шампион, ЦСКА Москва.

Емил Рајковиќ денеска во Москва беше промовиран како нов тренер на ЦСКА која е осумкратен европски шампион.

Рајковиќ на прес-конференцијата изјави дека можноста да се води еден кошаркарски гигант преставува голема чест и одговорност за него, као и награда за се што направил досега во кариерата.

– Благодарен сум на можноста да работам на ваков клуб. Да се биде тренер на екипа како ЦСКА Москва е голема чест, но и одговорност, а за мене е награда за сè што сум постигнал досега во кариерата. Ќе биде голем предизвик да се оствари сето она што го бара раководството на ЦСКА во однос на напредокот на клубот, на руските кошаркари, а во исто време да се постигнат посакуваните резултати. На семејството ЦСКА и навивачите би сакал да им порачам дека сум среќен што сум овде и се надевам дека ќе имаме многу прекрасни моменти заедно. Иако не играме во Евролигата, ќе има многу возбудливи натпревари во ВТБ лигата и многу причини за задоволство. На мојот агент еднаш му реков дека само на највисоко ниво можам максимално да го деонстрирам својот квалитет. Затоа, кога стигна понудата од ЦСКА, не размислував многу. Мислам дека 16. сезони како тренер беа доволни да го стекнам потребното искуство и тоа ќе ми помогне во работата во новата сезона – беа првите зборови на Рајковиќ како тренер на ЦСКА.

Македонскиот стратег им порача на навивачите дека ЦСКА под негово водство ќе игра атрактивна брза кошарка, а главен акцент ќе биде ставен на одбраната.

– Во однос на стилот на игра кој ќе го промовираме, многу работи ќе бидат појасни откако ќе го формираме тимот. Претходните осум години, особено последните две, под водство на Итудис, ЦСКА играше прекрасна кошарка. Главна цел ќе ни биде агресивност во одбраната од што ќе произлезат брзи напади. Би сакал да имам колку е можно повеќе достапни и вклучени кошаркари во игра бидејќи тоа е услов за висок интензитет. Мислам дека тоа ќе биде интересно за навивачите, а во исто време корисно за екипата.

Мој сон во тренерската кариера беше да работам во клуб на нивото на ЦСКА. Сега, кога таа цел е остварена, не е само да поминам одовде, туку да останам колку е можно повеќе, да остварам успеси и да направам добра атмосфера во тимот. Додека ги остваруваме целите, треба да го живееме секојдневието, па затоа треба да уживаме во работата – изјави Рајковиќ.

Рајковиќ во ЦСКА доаѓа на местото на Димитрис Итудис кој се пресели во Фенербахче.

– Со Итудис сум пријател и многу пати сме разговарале, но не конкретно сега, пред да потпишам. Немаше потреба бидејќи знаев каде доаѓам, што ме очекува и каков клуб е ЦСКА.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот