Рускиот квартет „Терем“ не ја остави рамнодушна публиката на „Охридско лето“

Неверојатната виртуозност, исклучителна техничка подготвеност, неприкосновен стил на интерпретација и оригинални аранжмани донесе синоќа рускиот квартет „Терем“ на музичкиот репертоар на фестивалот „Охридско лето“.

Страсната и жива музика која се создаваше на традиционалните руски инструменти и низ која звучеа акродите на руската душа, не ја остави рамнодушна публика во црквата „Света Софија“. Овој состав синоќа музицираше на сопран домбра, бајан/хармоника, алт домбра, како и на контрабас, инструменти кои исто како и концертната програма, привлекоа големо внимание.

„Терем“ квартетот на чиј репертоар се наоѓаат дела од класичната музичка литература, обработка на стари руски фолклорни мотиви и соверемена музика од различни жанрови, се претставија со внимателно одбран репертоар, почнувајќи од Руските страсти на Токата и фуга во d-moll, преку Фантазијата на тема на аријата на Принцезата Лебед од „Сказната за Цар Салтан“, па продолжи со Алегрето од Сонатата бр. 17 d-moll од Бетовен, а се изведоа и дела од Сергеј Рахмањинов, Валентин Гаврилин – Тарантела, Чајковски и Шуберт.

Вториот дел концертот исто така донесе богатство од автори, како Владимир Иванов, Дмитри Шостакович, Стефан Грапели, Жерардо Матос Родригез, Џорџ Гершвин, Лало Шифрин, како и музика од филмовите на Чарли Чаплин.

Репертоарот на ансамблот се состои од повеќе од 500 композиции, оригинални транскрипции, парадоксални фантазии инспирирани од популарни теми од класичната и современа музика, како и фолклор, џез и музика од филм. Креативноста ја црпат од руската уметност и од старите традиции, поради што честопати ја претставуваат Русија во светот.

Нивните настапи го рефлектираат живеењето и музиката на 21 век- позитивно, енергично, полно со радост и љубов што говори за фундаменталните вредности на квартетот „Терем“ и нивната желба да го направат светот поубаво место за живеење.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот