Рускиот извоз на дизел е на пат да достигне рекорд, и покрај санкциите на ЕУ

Рускиот извоз на дизел е на пат да достигне рекорд овој месец, и покрај санкциите на Европската унија кои ја лишија Русија од нејзиниот најголем пазар досега, пишува Блумберг, пренесува Н1Инфо.
Досега, Москва не покажува премногу загриженост дека неодамнешната забрана на горивото во Европската унија би можела да ја натера да го намали извозот поради недостаток на други купувачи, бидејќи Турција, Мароко и други земји ги зголемија купувањата и некои количини се се чуваат во пловечки склад. Испораките на дизел гориво од Русија во текот на првите 19 дена од март изнесуваат околу еден и пол милион барели дневно, според податоците на Вортек собрани од Блумберг.
Доколку се задржи тоа ниво, овој месец ќе биде најголем извоз од почетокот на 2016 година. Рафинериите во Русија одржаа високо ниво на работа досега во март, што овозможи силно производство на дизел, изјави независниот американски аналитичар на нафтени производи Михаил Турукалов.
Тој изјави дека руските производители изгледаат сосема уверени дека можат да ги продадат сите количини на странски купувачи, бидејќи попустите што ги нудат се доволно примамливи и излегува дека има нови пазари за дизелот.
Сепак, тој бум во испораките можеби нема да трае, бидејќи плановите за товарење на клучните руски пристаништа укажуваат на пад во април во споредба со активноста во март.
Голем дел од рускиот извоз на дизел гориво оди во Турција, а други големи увозници се Мароко, Бразил, Тунис, па дури и најголемиот извозник на нафта, Саудиска Арабија.