Рускиот амбасадор во БиХ: Ќе поддржиме самостојна Република Српска во рамки на БиХ

Игор Калабухов
Игор Калабухов /Фото: МИА

Амбасадорот на Руската Федерација во БиХ, Игор Калабухов изјави дека не гледа никаков проблем во идејата на Милорад Додик, лидер на Сојузот на независни социјалдемократи (СНСД), за самостојна Република Српска (РС) во рамки на БиХ, што е прашање на политичарите, демократските одлуки и дека Русија ќе ја поддржи доколку се реализира преку дијалог.

Во интервју за Радио телевизија на Босна и Херцеговина (БХРТ), кое целосно ќе се емитува вечерва, Калабухов истакна дека не може да зборува за легитимноста или нелегитимноста на процесот на враќање на надлежностите од БиХ на Република Српска (една од двата ентитета во БиХ), додавајќи дека тоа е работа на политичкиот процес и органите на ентитетската влада.

Тој нагласи дека во разговорите за решавање на кризата во БиХ се залагал сите одлуки да се носат преку дијалог, во комуникација меѓу ентитетите, кои сами треба да одлучат како да го најдат најоптималниот излез од сегашната ситуација.

Русија смета дека РС го покренала прашањето за враќање на надлежностите во рамки на демократскиот процес, а амбасадорот Калабухов забележува дека надлежностите биле префрлени на БиХ под одреден притисок од меѓународната заедница.

Амбасадорот нагласи дека рускиот став е оти во БиХ не постои висок претставник, бидејќи според нив не е испочитувана процедурата за именување на Кристијан Шмит.

– Како држава гарант на Дејтонскиот договор, ние сме членка на ПИК, но не работиме во ОХР додека е таму Кристијан Шмит. Не поддржуваме никакви официјални контакти со г-дин Шмит, рече Калабухов.

Рускиот амбасадор смета дека одлуката на Валентин Инцко, која ја донел како висок претставник на самиот кон крајот од својот мандат, и со која се забранува и казнува негирањето на геноцидот во рамки на дополнувањето на Кривичниот законик на БиХ, била субјективна и неурамнотежена.

Тој посочи дека не гледа проблем во тоа што Република Српска ја укинала одлуката на високиот претставник за забрана на негирање на геноцидот и другите злосторства извршени во БиХ, иако Инцко таа одлука ја донел согласно неговите овластувања, и смета дека тоа е работа на Народното собрание на Република Српска.

Извор: МИА

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот