Руски бомби и проектили пукале околу британски разурнувач во Црно Море

Фото: EPA-EFE/LPhot Ben Shread / BRITISH ROYAL MANDATORY CREDIT: MOD/CROWN COPYRIGHT HANDOUT EDITORIAL USE ONLY/NO SALES

Властите во Москва објавија дека руски патролен брод и борбен авион испукале предупредувачки истрели во близина на британскиот воен брод „Дифендер“, бидејќи наводно влегол во руските територијални води во близина на Крим.

Шефот на британската дипломатија Доминик Раб изјави вчера категорично ги отфрли извештаите дека руски воен брод пукал кон британски што наводно навлегол во руски води во Црно Море и оцени дека објаснувањето од Москва за инцидентот е „очекувано неточно“.

– Не беше пукано кон „Дифендер“ кој минуваше низ украински територијални води – изјави Раб, кој е во посета на Сингапур.

Властите во Москва објавија дека руски патролен брод и борбен авион испукале предупредувачки истрели во близина на британскиот воен брод „Дифендер“, бидејќи наводно влегол во руските територијални води во близина на Крим.

Репортер на Би-би-си, кој бил сведок на инцидентот во Црно Море, потврди дека руски авиони и бродови го надлетале „Дифендер“ и го принудиле да скршне од својата рута.

– Засилено непријателски предупредувања беа објавени преку радио, вклучувајќи го и: „Ако не го смените курсот, ќе пукаме!“. Слушнавме пукотници, но можно е тие да биле далеку од дострелот – изјави репортерот Џонатан Бил.

Русија тврди дека британскиот воен брод навлегол 3 километри во длабочина на руските територијални води, 19 километри од брегот на ртот Фјолент на полуостровот Крим, кој е меѓународно признаен како дел од Украина, но Русија го анектираше по оспорен референдум во 2014 година и го смета за своја територија.

Веднаш откако била констатирана „повредата на руските територијални води“, кон британскиот брод биле испратен борбен авион „сухој 24м“, кој фрлил и бомби близу него, како и брод од крајбрежната стража, кој отворил „предупредувачки оган“ кон „Дифендер“.

Без да навлегува во политичкиот спор чија територија е Крим, британскиот секретар за одбрана Бен Волас изјави дека немало пукање при руската реакција за оддалечување на „Дифендер“ од брегот.

– Ова утро бродот на нејзиното височество „Дифендер“ спроведе рутински транзит од Одеса кон Грузија преку Црно Море. Како и вообичаено за оваа рута, тој влезе во меѓународно признаен сообраќаен коридор за разграничување и безбедно излезе од коридорот во 10.45 часот. Како рутинска активност руски бродови го следеа неговото движење и го известија за вежбовни активности во поширокиот регион – изјави министерот Волас.

Министерството за одбрана соопшти дека британскиот брод „невино поминувал низ украински територијални води, во согласност со меѓународното право“.

– Веруваме дека Русите спроведувале артилериска вежба во Црно Море, за која уредно известиле. Немало истрели насочени кон „Дифендер“ и не биле фрлени бомби пред него – соопшти Министерството.

Само два дена претходно американскиот портал УСНИ објави дека е можно да биле фалсификувани разузнавачките информации достапни за јавност за позицијата на британски разурнувач и холандска фригата на 18 и 19 јуни годинава за да се претстави дека биле 2 наутички милји до руската поморска база Севастопол на Крим.

Во вторникот, пак, одбранбени функционери од Украина и од Обединетото Кралство токму на бродот „Дифендер“ наводно потпишале договор за зајакнување на украинските поморски капацитети преку британската приватна компанија „Бабкок“.

Во анализа посветена на инцидентот, Би-би-си наведува дека тој може да биде протолкуван и како „непотребна провокација од Кралската морнарица“ и како „легитимно спроведување на правото на слободно движење по море“, врз основа од аголот на гледиште.

– Кога модерен разурнувач од типот 45 од „непријателска“ членка на НАТО, каква што е Британија, плови повеќе од 9.500 километри од матичното пристаниште за да помине низ води што Москва ги смета за свои, Русија секако го смета тоа за „агресивна провокација“ – пишува Би-би-си.

Притоа се забележува дека односите помеѓу Лондон и Москва никогаш не биле на пониско ниво, особено по обвинувањата, отфрлени од Русија, дека два агенти на воената разузнавачка служба ГРУ биле испратени во англискиот град Солсбери во 2018 година за да го отрујат поранешниот двоен шпион Сергеј Скрипал со бојниот отров „новичок“, како и по труењето на поранешниот шпион Александар Литвиненко со радиоактивен полониум. Лондон ги обвинува властите во Москва и за кибернетски напади врз витални инфраструктурни системи во западните земји. Владата во Лондон неодамна во официјален извештај ја посочи Русија како „најголема воена закана за Обединетото Кралство“.

– Колку и да се чинат драматични настаните од средата, тие може да бидат само проба за поголеми инциденти во иднина – укажува Френк Гарднер од Би-би-си.

Разурнувачот „Дифендер“ е дел од придружната ударна група на новиот британски носач на авиони „Квин Елизабет“, која сега е стационирана во Средоземно Море. „Дифендер“ во почетокот на јуни се издвоил од групата за да навлезе во Црно Море.

Како дел од новата насока во надворешната политика на Обединетото Кралство, ударната група на „Квин Елизабет“ треба да заплови кон исток кон Јужно Кинеско Море, каде што се можни слични инциденти во долгата битка за доминација на главните поморски патишта и за контрола на спорните територии. Кина настојува да ја прошири својата контрола во Јужно Кинеско Море, поставувајќи поморски бази на ненаселени архипелази или дури и на вештачки изградени острови, и нејзини крајбрежни патроли пресретнуваат и потиснуваат бродови што сметаат дека се движат во меѓународни води.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот