Руската игра на ветото

Благојче Атанасоски

Токму таа оска: Москва-Будимпешта-Белград со своите краци во Софија (Каракачанов, Радев, Костадинов) и во Скопје (Апасиев и Мицкоски), постојано ќе работи на случајот Македонија и Бугарија константно да се во лоши односи и, не дај боже, пак Софија да посегне по лудоста и одново да го (зло)употреби инструментот вето и наново да ги попречи нашите евроинтеграции.

Во изминативе неколку години при моите јавни настапи без разлика дали се телевизиски или за пишани медиуми секогаш кога го третирав и давав анализа на македонски-бугарскиот „спор“, кој резултираше со несреќното вето на официјална Софија пред нашите евроинтеграциски процеси, се обидував да дадам една поширока слика на настаните за да можат понеупатените, заблудените и луѓето што само емоционално-рефлексно реагираат, да ја сфатат големата геополитичка игра и кои светски моќни актери стојат зад славното бугарско вето од кое на крајот и нашиот западен сосед Албанија, излезе како колатерална штета. Кога ќе ги погледнете политичките актери од двете страни на границата кои најмногу ги потпалуваат страстите, најмногу ја сензибилизираат темата во негативен контекст, вметнувајќи националистички конотации, ќе сфатите дека тоа се истите актери со препишани партиско-политички идеологии, со речиси ист начин на функционирање и со многу сличен, прекопиран вокабулар и реторика на дејствување.

Тоа се отворено проруски, анти-НАТО партии што се претставуваат како најголеми патриоти, заштитници на државните и национални интереси, а во суштина се само етнопопулистички партии, кои ги користат натрупаните фрустрации и гневови на граѓаните и во Македонија и во Бугарија, особено злоупотребувајќи го националниот сентимент за изгубените историски битки или националните историски трауми. За жал, тоа успешно и умешно им проаѓа.

Копејкин е руска кукла на батерии

Најновата провокативна, националистичка, во најмала рака недобрососедска изјава, која прво ги руши сите добри тонови и морални отсечки на личната култура, потоа ги крши сите меѓународно-правни правила на дипломатијата и дипломатското општење е Костадин Костадинов, новиот Красимир Каракачанов, кој добива сè поголема поддршка од бугарските гласачи и граѓани. Тој е лидер на отворено националистичката и етношовинистичката партија „Преродба“, кој на отворањето на официјалниот државен бугарски културно-информативен центар во Скопје изјави дека „Македонија е бугарска и дека сме еден народ во две држави“, односно, карикатурално-смешната децениска мантра на секој исфрустриран, национално искомплексиран обичен Бугарин со коефициент на интелигенција понизок од тој на една потполошка. И, како по сценарио, на лента, веднаш нашите медиуми се вџашија, бурно реагираа и се скандализираа, правејќи од таа изјава „настан на денот“, па така сите ТВ-дневници и вести на националните телевизии почнаа со таа несреќна, контроверзна изјава.
Да, со право се реагираше, бидејќи станува збор за изјава од бугарски пратеник и лидер на сериозна парламентарна партија, која, прво, искажува територијални претензии и, второ, го негира нашиот национален и државен идентитет, но мислам дека новинарите се фатија и згазија во оваа убаво спакувана и поставена руска нагазна мина среде Скопје. Овој несреќник токму со таа намера дојде непоканет на овој настан – за да ја даде таа и таквата изјава, свесно предизвикувајќи такви реакции. Тоа е како некој наш политичар да отиде на отворањето на македонски културен клуб во Софија или во Благоевград, сеедно, и да даде изјава пред бугарските медиуми дека „Бугарките во Европа се најпознати како проститутки за две червени“ и дека „Бугарите надалеку светски се признати и познати како ситни џепчии“. Се знае потоа таквата изјава што ќе предизвика, какви ќе бидат реакциите од официјалните претставници во двете држави.
И сето тоа е зготвено од кујните на Кремљ, бидејќи со тие изјави вечно ќе се држи отворено прашањето на македонско-бугарските катастрофални односи, постојано ќе се држи на штрек напнатоста, гневот, раздорот и омразата. Тоа е интерес на Путинова Русија, на официјален, но и подземен воено-разузнавачки Белград, ако сакате и на официјална Будимпешта. Токму таа оска: Москва-Будимпешта-Белград со своите краци во Софија (Каракачанов, Радев, Костадинов) и во Скопје (Апасиев и Мицкоски), постојано ќе работи на случајот Македонија и Бугарија константно да се во лоши односи и, не дај боже, пак Софија да посегне по лудоста и одново да го (зло)употреби инструментот вето и наново да ги попречи нашите евроинтеграции.
Од друга страна, моите информации (добро брифирани) од „странски служби и жолти комбиња“ говорат дека токму овие ликови, меѓу другото КОМУНИЦИРААТ ДИРЕКТНО меѓу себе или пак преку своите соработници од најблиското опкружување. Тоа е најголемата трагедија, воедно и пародија на денешните, актуелни македонско-бугарски односи во модерниот дваесет и први век!

Последната битка за европеизација!

Тоа е, дами и господа, другари и другарки. Во суштина, тоа е целата вистина и големата слика за сево ова што ни се случува во изминатите три години и сме сведоци со нашите очи и уши. Каков Гоце Делчев, каков цар Самоил, какви пет лева или денари. Всушност, станува збор за левови или за денари, поточно за рубљи и за форинти, ама во милионски износи. Овие кукли на конци се теледиригирани од своите кукловоди да го прават ова што го прават и ќе го прават и во наредниот период, во годините што следуваат, особено ако Македонија наредната година и реално, во практика, ги почне европреговорите и го отвори првото од триесет и шесте поглавја во наредната етапа на евроинтеграцијата. Ќе гледаме се повеќе „инциденти”, ќе слушаме се повеќе вакви скандалозни изјави, како таа на Костадин Костадинов и ќе гледаме или отворања или, пак, обиди за такви на „културни клубови“ со контроверзни имиња на соработници на Третиот рајх или историски ликови што имаат апсолутно негативна улога во државно-правниот и национален развој на државата.
Но, ние, како зрело општество и зрела нација треба да сме спремни сето тоа да го пребродиме како мали детски сипаници и да не дозволиме тоа да го отруе нашиот државен и општествен организам. Зашто рускиот вирус, покрај сè, е многу опасен. Таканаречениот француски предлог, кој со право беше дочекан на нож од овдешната јавност, во суштина е булдожер на американската надворешна политика на државниот секретар Ентони Блинкен на самитот на НАТО во Мадрид, како последен обид Македонија (заедно со Албанија) да биде извлечена од гробот во кој руско-српската надворешна политика, заедно со нашите внатрешни подизведувачи, беше држена во овие триесет години и конечно да биде поставена на шините на патот кој води кон Брисел и кон модернизација и европеизација на едно длабоко угниено, до коска корумпирано и криминализирано, институционално парализирано, економски девастирано и искрадено и културолошки зомбизирано општество. Пред нас е последната шанса да си направиме пристојно и достојно место за живеење. Нејзиното пропуштање ќе биде исклучиво наша вина. Се разбира, ние тоа нема да го признаваме и, како инфантилни тинејџери, повторно вината ќе ја бараме другде!

Авторот е политиколог

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот