Руската елита се надева на обновување на врските со Западот

6564446 03.06.2021 Participants attend the session titled "The Effectiveness of Intergovernmental Regulation in Transforming Global Trade" at the Saint Petersburg International Economic Forum (SPIEF) at the ExpoForum Convention and Exhibition Centre in St. Petersburg, Russia.,Image: 614136839, License: Rights-managed, Restrictions: , Model Release: no, Credit line: Alexander Galperin / Sputnik / Profimedia

Подобрите односи со Запад се високо на агендата на годинешниов политички и бизнис форум во Санкт Петербург, кој е рускиот одговор на форумите во Давос, а очекувањата се големи и од самитот меѓу Бајден и Путин

Кога руската политичка и деловна елита ќе се собере во Санкт Петербург оваа недела за настан што честопати се наведува како одговор на земјата на форумите во Давос, недостигот на западни делегати и повеќе присутни претставници од Азија и Блискиот Исток ќе илустрира колку геополитиката го смени глобалниот статус на Русија.

Додека многу руски делегати ќе бидат расположени на Меѓународниот економски форум во Санкт Петербург, благодарение на помалку штетната од очекуваното пандемија, што го овозможи одржувањето на собирот, многумина повеќе очекуваат од самитот што овој месец ќе се одржи меѓу претседателите Џо Бајден и Владимир Путин, за почеток на обновата на западните врски со Москва.

„Секако дека самитот [Бајден/Путин] е добредојден. Русија и САД имаат значителен список на важни прашања за дискусија. Рускиот бизнис и јас им посакуваме сè најдобро на претседателите“, вели за „Фајненшл тајмс“ Андреј Костин, извршен директор на руската ВТБ банката. „Сепак, ние сме реални. Она што го сакаме се предвидливи, одржливи и со взаемно почитување односи меѓу нашите нации“, додава тој. „Мислам дека изгубивме многу добри зделки во текот на изминатите години поради меѓусебна пристрасност и разни ограничувања. Можеби е крајно време негативниот тренд да се сврти во спротивна насока.“

 Чекор кон помирување?

Годишниот собир, кој официјално е отворен во четвртокот и своевремено беше редовен датум за присуство на извршните директори на САД и Европа, како и на разни официјални лица и шефови на држави, во последно време стана барометар на влошените односи на Русија со Западот, бидејќи списокот на високи странски претставници се намалува.

Андреј Гуриев, извршен директор на производителот на ѓубрива „Фосагро“, оценува дека новото претседателство на Бајден „ни даде чувство дека може да има одреден чекор кон помирување“.

Бајден и Путин ќе се сретнат во Женева на 16 јуни, во нивните први разговори лице в лице како лидери, на самитот за „нормализирање“ на односите меѓу Западот и Москва.

Врските постојано еродираа во текот на изминатите седум години поради обвинувањата за мешање во руските избори, меѓусебните санкции и дипломатски протерувања, поради конфликтот во Украина, но и минатомесечната поддршка на Москва за нејзиниот сојузник Белорусија, откако таму принудно слета патнички авион за да се уапси дисидент на леталото.

Путин застана зад белорускиот претседател автократ Александар Лукашенко, му беше и домаќин во разговорите минатиот викенд и се согласи да издаде 500 милиони долари заеми на Минск, како одговор на санкциите наметнати од ЕУ и САД како одмазда за инцидентот.

Русите секогаш со „План Б“

„[Белорусија] ќе биде уште една точка на агендата на Бајден“, вели Филип Ворман, управен директор на ГПВ (GPW), британска консултантска компанија за прогноза и анализа на ризици. „На овој прв состанок треба да има одреден дијалог, наспроти застрашувачки лошите односи меѓу двете држави. Секако, атмосферата ќе биде мачна, со малку теми врз заедничка основа.“

„Странците ќе се држат настрана од [Форумот во Петербург] како што тоа го сторија од почетокот на санкциите, но бизнисот со пазарите на капитал ќе продолжи да тече, иако очигледно е дека запнаа големите спојувања и бизнис-преземања или инвестициите во Русија“, додава Ворман.

Заедно со пандемијата, што веројатно ќе влијае на бројот на посетители, на годинешниот форум ќе има релативно безначаен број на странски гости од највисоко ниво, како извршниот директор на „Тотал“, Патрик Пујана, и Едуард Нгиренте, премиерот на Руанда.

Австрискиот лидер Себастијан Курц ќе зборува само преку видео врска на репрезентативниот панел на настанот со Путин, на кој во претходните две изданија беа Кинезот Си Џинпинг, Индиецот Нарендра Моди и Французинот Емануел Макрон.

„Како бизнисмен не е моја работа да ги коментирам изгледите за намалување на тензиите со Западот, но верувам дека колку повеќе има деловни врски меѓу нас, толку повеќе меѓусебно разбирање можеме да постигнеме во други области“, вели Дмитриј Конов, извршен директор на „Сибур“, најголемиот руски петрохемиски производител. „Геополитиката никогаш не била љубезна кон рускиот бизнис, но ова нè научи да останеме конкурентни дури и во предизвикувачки средини и секогаш да имаме План Б.“

Кина како „осигурителна полица“

Друга геополитичка точка на заглавување е дека западните земји остро го осудија затворањето на рускиот опозициски борец Алексеј Навални, откако тој преживеа обид за атентат, за што беше обвинет Кремлин, кој во последните неколку недели ги засили застрашувачките тактики против организациите за човекови права во Русија, поддржани од странство.

Организаторите изјавија дека се очекува да присуствуваат 2.000 странски делегати, а околу петтина од нив најверојатно ќе дојдат од Кина и Катар, земји партнери на форумот оваа година. Овие големи контингенти, плус делегациите од африкански и блискоисточни земји, го потенцираат стожерот на Москва на Исток и Југ од западните санкции коишто за првпат беа воведени по руската анексија на Крим во 2014 година.

Билатералната трговија со Кина е скоро двојно зголемена од 2010 година, на над 105 милијарди американски долари минатата година, додека азиските и блискоисточните готови пари ги заменија западните компании како примарни инвеститори во руската индустрија за нафта и гас.

„Клучната алатка што ни помага да се изолираме од надворешните шокови денес е да можеме да го замениме производството меѓу различни географии во нашиот синџир на снабдување – Русија и Кина си се како меѓусебни осигурителни полиси во овој поглед“, вели Дмитриј Кирсанов, извршен директор на „Фикс Прајс“ , малопродажна трговска фирма која во март собра 2 милијарди долари во најголемата руска берзанска јавна понуда од 2014 година.

„Сме поминале повеќе од една криза и знаеме како брзо да одговориме на неа“, заклучува Кирсанов.

Написот е објавен во викенд-изданието на Слободен печат. (05-06 јуни 2021) во прилогот СП. неделник. Текстот е преземен од Financial Times (ЛОНДОН) со претходна дозвола од издавачот.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот