Руска гасна завеса помеѓу Вашингтон и Берлин

Фото: МИА

Односите на двете водечки сили на западниот свет ја напуштија опасната територија на трговското војување, лекциите од Трамп за сојузниците од НАТО и личната нетрпеливост кон „фрау Ангела“, но на Бајден му преостанаа дилемите како во иднина ќе се преговараат концепциските разидувања што се однесуваат на Москва и на Пекинг

Како и што доликува, американскиот претседател во Белата куќа ѝ изрази големо почитување на германската канцеларка, која соработуваше со четворица шефови на Белата куќа, а оваа есен, по 16 години на власт, заминува во политичка пензија.

Џо Бајден и Ангела Меркел разгледаа многу приоритети за кои не се согласуваат – од приврзаноста до демократијата, климатските промени, пандемијата, американското повлекување од Авганистан или спротивставувањето на „руската агресија“, но гасоводот „Северен тек 2“ и политиката кон Кина и понатаму фрлаат сенка врз трансатлантската соработка, која е на пат кон нормализација по четиригодишниот слободен пад за време на администрацијата на Доналд Трамп.

Односите на двете водечки сили на западниот свет ја напуштија опасната територија на трговското војување, лекциите од Трамп за сојузниците од НАТО и личната нетрпеливост кон „Фрау Ангела“, но на Бајден му преостанаа дилемите како во иднина ќе се надминуваат концепциските разидувања што се однесуваат на Москва и на Пекинг.

Американците се незадоволни од одбивањето на Берлин безусловно да се придружи кон стратегиското оддалечување на САД од Русија и од сѐ поголемото заострување кон Кина.

Германците и понатаму се сомневаат во стабилноста на американската демократија. Прашуваат што ќе биде со 74-те милиони Американци што гласаа за Трамп. Ја преиспитуваат цврстината на партнерството со Европа во времиња кога Азија и Пацификот стануваат приоритети на Вашингтон.

Енергетска зависност

Клучната точка на разидувањето и понатаму е гасоводот „Северен тек 2“, проект со кој под Балтикот рускиот гас ќе се испраќа до најголемиот купувач во Европа – до Германија. Бајден, како и неговиот претходник, смета дека гасоводот е закана за европската енергетска безбедност, ја засилува зависноста од рускиот гас и на Москва ѝ овозможува политички притисок врз ранливите држави од Централна и од Источна Европа, особено врз Украина. Зад политиката стои и желбата на Америка да продава сопствен гас, а не Русите на Европа да ѝ испорачуваат по 55 милијарди кубни метри гас годишно.

Меркел, од своја страна, со години не дозволуваше да ја разнишаат критиките на проектот што доаѓаа од нејзината партија, но и од Европската Унија. По руската анексија на Крим во 2014 година, Полска, балтичките земји и власта во Киев не можеа да најдат оправдување за гасовод што би ја направил Европа енергетски позависна од Русија, а Украина поранлива на уцените од Москва.

На Бајден му се потребни силни односи со Германија како со водечка сила на Европската Унија, па во мај, наспроти критиките од дел од Конгресот, ги укина санкциите за компаниите што учествуваат во изградбата на „Северен тек 2“.

„Руска политика“ во Берлин

Решена на својот наследник да не му го остави товарот на проблеми со САД, и Меркел ѝ нуди компензации на Украина, земјата што Бајден сака да ја види како членка во НАТО.

Канцеларката во изминатите години не успеваше убедливо да ја објасни својата позиција, но со поддршка од социјалдемократите не отстапуваше, па нејзината „руска политика“ беше ставана под прашалник, придонесувајќи за слабеење на германското влијание врз делови од Европската Унија.

Работите на конструкцијата на гасоводот се при самиот крај и наскоро ќе стане оперативен. Колку долго ќе функционира? Што ќе направат германските Зелени, кои очекувано ќе влезат во идната германска влада, а познати се како категорични противници на проектот?

Американско-германскиот компромис, сепак, е постигнат: ако Владимир Путин се обиде да го употреби „Северен тек 2“ како оружје против Киев и ако не го почитува правото на Украина како транзитна земја за текот на гасот, проектот ќе биде блокиран. Иако наскоро ќе биде завршен.

Омекнување кон Пекинг

Во врска со Кина, пак, ставовите остануваат оддалечени. Додека во САД постои општ консензус за борба против авторитарниот режим во Пекинг, Меркел ја искористи изминатата година за да ги продлабочи германско-кинеските економски врски.

Поминаа времињата кога Меркел во 2007 година го примаше Далај Лама, не осврнувајќи се на бесот од официјален Пекинг. При своите поранешни посети на Кина, таа не се воздржуваше да го отвори прашањето на човековите права и да ги посети активистите и дисидентските адвокати. Во изминатите години работите се променија.

За разлика од својот претходник Герхард Шредер, кој кај Путин својата позиција добро ја наплати како претседател на „Северен тек 2“, Меркел не ја води личната корист, туку грижата за опстанок на компаниите како „Фолксваген“ или „Дајмлер“, кои станаа сериозно зависни од кинескиот пазар.

Се обиде и при крајот на 2020 година да протурка голема инвестициска спогодба на Кина со Европската Унија, но отстапи под притисок од Вашингтон. Што не значи дека во својот „меркелтилизам“ попушти во одбраната на огромните трговски интереси на Германија.

Навистина, во Вашингтон се придружи на критиките на Пекинг поради кршењето на човековите права на муслиманската заедница Ујгури во провинцијата Сјинѓијанг и во Хонг Конг, но инсистираше на неопходноста од соработката со комунистичкиот режим во врска со големите прашања, какви што се климатските промени.

Нова сила на глобалната сцена

Германија, како и мнозинството во Европа, верува во надоаѓањето на глобалното лидерство на Кина во неколкуте наредни години, што значи дека Европската Унија нема трпение да се занимава со какви било американски ултиматуми и да се определува помеѓу Вашингтон и Пекинг. Додека Бајден не отстапува од конфронтациски пристап, Европа не ја перципира Кина како економски феномен во поминување, туку како незаменлива сила на глобалната сцена, која не може да биде санкционирана ниту еднострано отпишана.

Германија поддржува да се врати на нормала прекуатлантското партнерство, но во исто време нема намера да се откаже ни од лукративниот кинески пазар. Ни од рускиот гас. Пријатели со несогласувања, како што Бајден и Меркел ги опиша весникот „Вашингтон пост“.

Можеби е најдобар описот на меѓусебните односи што во списанието „Форин аферс“ го даде Мајкл Хирш: „Седумдесет и петгодишната врска помеѓу Соединетите Држави и повоена Европа по малку личи на традиционален договорен брак помеѓу две големи семејства. Исполнет е со напнати ситуации, со закани за разидување, со повремени надворешни афери (со Кина и со Русија) и, од време на време, со злоставување на сопружникот (Трамп), но нема многу изненадувања. Разводот е незамислив“.

(Ставовите изнесени во рубриката „Колумни“ не се секогаш ставови и одраз на уредувачката политика на „Слободен печат“).

Видео на денот