Русите чекаат одобрение од Данска за проверка на оштетувањата на „Северен поток 1 и 2″

Фото: EPA-EFE/Danish Defence Command

Руски тим истражители со брод изнајмен од компанијата „Норд стрим АГ” пристигна на местото каде беа ошетени гасоводите „Северен поток 1 и 2″, и за 24 часа ќе биде подготвен да почне со истрагата, соопшти компанијата „Норд стрим АГ”

Од компанијата е појаснето дека за дел од истрагата што се однесува на гасоводот во данската зона на експлоатација, се уште се чека на дозвола од властите во Копенхаген.

Истражителите на „Гаспром” пристигнаа на Балтичкото Море очекувајќи данските власти да им дозволат да ја започнат истрагата што руското Министерство за надворешни работи ја побара на 13 октомври.

Властите во Копенхаген пред две недели соопштија дека руското барање ќе биде обработено за 20 работни дена, но и оти експертите на „Гаспром” нема да можат да ги проверуваат оштетувањата на цевководот се додека не завршат официјалните истраги.

Истраги за експлозиите на „Северен поток 1 и 2″ паралелно спроведуваат шведските, данските и германските власти, по пропаѓањето на обидите за заедничка истрага поради одбивањето на властите во Стокхолм да споделуваат „информации релевантни за националната безбедност”.

Руското Министерство за надворешни работи по остварените контакти со дипломати од Германија, Данска и од Шведска соопшти дека Москва во секој случај нема да ги признае „квази-резултатите” од таквата истрага, во која не е дозволено учество на руски експерти.

Рускиот претседател Владимир Путин го обвини Западот за саботажа на гасоводите, додека американските власти постојано тврдеа дека тоа го направиле Русите.

Трите одвоени истраги за експлозиите засега не ги идентификувале сторителите.

Гасоводот „Северен поток 1″ беше затворен кон крајот на август поради технички проблеми на турбина, но цевководот остана полн со гас. Втората траса односно гасоводот „Северен поток 2″ вредна 11 милијарди долари е изградена минатата година, но поради низа политички причини никогаш не е пуштена во комерцијална употреба.

Половина од трошоците за изградба на гасоводот плати руската компанија „Гаспром”, додека остатокот го финансираа британски „Шел”, австриската „ОМВ”, француската „Анжи” и германските компании „Унипер” и „Винтершел ДЕА”.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот