Русин уапсен во Хелсинки под истрага за воени злосторства во Украина во 2014 година
Финската полиција уапси руски државјанин за кој се сомничи дека извршил серија воени злосторства во Украина во 2014 година, а обвинителите денеска соопштија дека планираат да покренат обвинение до крајот на месецот.
Воислав Торден, водач на неонацистичката паравоена група „Русич група“, беше уапсен од полицијата на аеродромот во Хелсинки во јули 2023 година.
Рускиот државјанин, претходно познат како Јан Петровски, е осомничен за различни воени злосторства, вклучително и „тешко воено злосторство “, соопшти Националното биро за истраги на Финска (НБИ), кое ја спроведе прелиминарната истрага.
„Наводните злосторства се случија есента 2014 година во источна Украина “, изјави за АФП комесарот задолжен за случајот, Оли Тоирас, без да може да даде повеќе детали за природата на овие дела. Врховниот суд на Финска пресуди против екстрадицијата на Воислав Торден во Украина, наведувајќи го ризикот дека тој ќе претрпи нехумани услови за притвор таму.
Истрагата, која НБИ ја започна во декември 2023 година, беше спроведена во тесна соработка со украинските безбедносни служби и обвинителството. Беа вклучени и Европол, Меѓународниот кривичен суд и Европравда.
Сослушувањата беа одржани во Украина и Финска, рече комесарот Оли Тоирас. Обвинителите имаат рок до 31 октомври да поднесат обвиненија.
„Двајца обвинители во моментов го подготвуваат обвинението“, изјави за АФП Јука Рапе, заменик државен обвинител.
Финска го применува принципот на универзална јурисдикција за овие видови на кривични дела, што значи дека може да гони одредени тешки кривични дела без разлика каде се извршени.