Русија во „контратерористички“ режим поради нападот во Курск

Русија испрати засилување – вклучувајќи тенкови и системи за лансирање ракети – во регионот Курск

Земјата воведе режим на „контратерористичка операција“ во три региони за да се обиде да го запре ненадејниот прекуграничен упад на украинските војници.

Властите во регионите Курск, Белгород и Брјанск на границата со Украина сега можат да го ограничат движењето на луѓе и возила и да користат прислушување телефони меѓу другите мерки.

Ова се случува по пет дена од украинската офанзива во регионот Курск, пренесува „BBC“.

Извештаите велат дека украинските војници се закануваат дека ќе заземат еден регионален град додека се борат на повеќе од 10 километри во Русија – најдлабокиот напредок откако Москва ја започна својата целосна инвазија на Украина во февруари 2022 година.

Русија мора да ги почувствува последиците од војната, рече Зеленски по почетокот на украинскиот напад.

Новите безбедносни мерки во трите руски погранични региони ги објави Националниот антитерористички комитет во текот на вчерашниот ден.

Се вели дека ова е направено „за да се осигура безбедноста на граѓаните и да се потисне заканата од терористички акти од непријателските диверзантски и извидувачки единици“.

Властите сега имаат овластувања да влегуваат во приватни домови, да го ограничуваат движењето на сообраќајот и пешаците, да наредат привремено преместување на луѓето и да ги следат информациите испратени по електронски пат.

Ова доаѓа додека Москва се бори да ја задржи украинската офанзива.

Руската државна новинска агенција Тас соопшти дека повеќе од 76.000 луѓе веќе се евакуирани од пограничните области на Курската област.

Русија тврди дека до 1.000 украински војници, поддржани од тенкови и оклопни возила, влегле во регионот Курск во вторникот наутро.

Оттогаш, Украинците, наводно, зазеле голем број села, а исто така му се закануваат и на регионалниот град Суџа.

Во петокот се појави видео на кое наводно се гледаат вооружени украински војници кои тврдат дека имаат контрола над градот, како и клучен руски гасен објект таму во сопственост на компанијата Гаспром.

„BBC“ потврди дека снимката е навистина од објектот на Гаспром во северо-западната периферија на Судџа, на околу 7 километри од границата со Украина.

Но видеото не го потврдува ставот на украинските војници дека го зазеле целиот град.

Руските воени блогери претходно тврдеа дека градот е во рацете на Москва.

Во својот последен извештај утрово, руското Министерство за одбрана рече дека неговите војници „продолжуваат да го одбиваат обидот за инвазија“ на украинските сили.

Се тврди дека обидите на Украина да „пробие длабоко во руска територија“ биле спречени.

Руските тврдења не се независно проверени.

Во петокот, нуклеарната агенција на ОН ги повика Русија и Украина да „искористат максимална воздржаност“ додека борбите се приближуваат до нуклеарната централа Курск – една од најголемите такви капацитети во Русија.

Шефот на Меѓународната агенција за атомска енергија Рафаел Гроси рече дека мора да се преземат мерки „за да се избегне нуклеарна несреќа со потенцијални сериозни радиолошки последици“.

Електраната се наоѓа на околу 60 километри северо-источно од Суџа.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот