Русија стави вето на резолуцијата што ја осудува нејзината анексија на украинските региони – Кина, Индија и Бразил воздржани

Совет за безбедност на ОН / Фото EPA-EFE/JASON SZENES

Русија денеска стави вето на резолуцијата во Советот за безбедност на Обединетите нации со која требаше да се осуди руската анексија на четирите украински региони, по референдумите за отцепување од Украина и приклучување кон Руската Федерација.

Референдумите беа универзално отфрлени како „измама“ од Украина и западните земји.

Со неусвоената Резолуција се осудуваше руската „организација на незаконски таканаречени референдуми во региони во меѓународно признатите граници на Украина“ и би прогласила дека тие „немаат важност“. Резолуцијата, исто така, требаше да ја повика Русија „веднаш, целосно и безусловно да ги повлече сите свои воени сили од територијата на Украина во нејзините меѓународно признати граници“.

Русија беше единствената земја што се спротивстави на резолуцијата. „За“ гласаа десет земји (постојани и привремени членки на Советот за безбедност): Албанија, Франција, Гана, Ирска, Кенија, Мексико, Норвешка, Обединетите Арапски Емирати, Обединетото Кралство и САД.

Четири земји беа воздржани: Бразил, Кина, Габон и Индија.

Говорејќи пред гласањето, американската амбасадорка во ОН Линда Томас-Гринфилд, која ја поднесе резолуцијата заедно со нејзиниот албански колега, рече дека таа е „усогласена со целите на Советот за безбедност за одбрана на суверенитетот, заштита на територијалниот интегритет и обезбедување мир и безбедност“.

„Зборуваме за земја-членка на ОН, членка на Советот за безбедност, која се обидува да анектира дел од друга држава преку сила. Исходите од овие лажни референдуми беа однапред одредени во Москва и сите го знаат тоа. Тие луѓе беа држени на нишан на руските пушки“, рече Томас-Гринфилд.

Василиј Небензја, рускиот амбасадор во ОН, рече дека резултатите од гласањето зборуваат сами за себе.

„Големо мнозинство од оние што гласаа ја поддржаа интеграцијата на овие региони да се припојат во Русија“, рече тој.

„Дали сериозно очекувате Русија да разгледа и поддржи ваков нацрт? А, ако не, тогаш излегува дека намерно нè туркате да го искористиме правото на вето, за потоа да се разочараме од фактот што Русија го злоупотребува ова право“, рече Небензја.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот