Русија пред исклучување од ОИ, настапот на ЕВРО 2020 не е загрозен?!

Фото: EPA-EFE/KIMIMASA MAYAMA

Посебна комисија на Светската антидопинг агенција (ВАДА) предложи да им се забрани настап на меѓународни натпреварувања на руските спортисти. а држава да добие забрана да организира настани во наредните четири години поради непочитување на антидопинг правилата.
ВАДА за  предлогот и новата суспензија ќе расправа на состанокот на Извршниот одбор кој ќе се одржи на 9 декември во Париз и се очекува да биде усвоен предлогот на посебната комисија.

Првиот човек на Руската антидопинг агенција (РУСАДА) Јуриј Ганус во разговор за француската новинска агенција АФП откри дека очекува казна за руските спортисти кои нема да можат да настапат на Олимписките игри во Токио 2020.

– Мислам дека забраната ќе се однесува и на Зимските олимписки игри во Кина 2022 година. За жал, тоа е реалноста – изјави Ганус.

ВАДА побара од Русија објаснување за нецелосните податоци. Инспекторите на ВААД се сомневаат дека претходното раководство на РУСАДА во лабораторијата во Москва манипулирало со примероците и на тој начин се обидувале да ги покријат случаите со допинг. Русија е обвинета дека скрила 100-тина позитивни тестови на руските спортисти и подметнала лажни примероци.

Ганус верува дека имало толку многу манипулации со што оправдувањата на руските власти нема да бидат доволни овој пат. Ганус е на чело на РУСАДА од 2017 година и вели дека тој и неговата лабораторија немаа пристап до базата на податоци.

– Се надевам дека претседателот Путин ќе се вклучи во решавање на проблемот. Најтрагичниот дел од случувањата е тоа што нашите спортисти станаа заложници на дејствијата на нашите бирократи – потенцира Ганус.

По ваквите најави, руските медиуми се плашат дека Русија ќе биде казнета и со забрана за настап на ЕВРО 2020 на кое е еден од организаторите. На стадионот во Санкт Петербург треба да се одиграат четири натпревари, три во групната фаза и еден во четвртфиналето.
Поранешниот потпретседател на УЕФА, Вјачеслав Колошков ги смирува страстите и верува дека нема шанси Русија да остане без настап на ЕВРО 2020.

– Дали постои шанса руската фудбалска репрезентација да го загуби правото да игра на ЕВРО 2020? Искрено, ова прашање е реторичко. Одлуката која ВАДА ќе ја донесе на 9 декември нема никаква врска со фудбалот. ФИФА и УЕФА имаат сопствени здравствени и антидопинг комисии и лаборатории. И двете организации имаат комплетна документација за нашите фудбалери. Според правилата, допинг тестовите се задолжителни за секој натпревар кој е во органзација на УЕФА или ФИФА – вели Колошков.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот