Русија ќе распоредува војници, авиони и бродови во Никарагва, на само 1.500 километри од Америка

Фото: EPA-EFE/Jorge Torres

Властите во Никарагва на прорускиот диктатор Даниел Ортега, одобрија распоредување на руски војници, авиони и бродови на своја територија.

Во декретот издаден неделава, што Русија го потврди пред два дена, Ортега им дозволува на руските војници да извршуваат должности за спроведување на законот, „хуманитарна помош, спасувачки мисии и пребарување во итни случаи или природни катастрофи”.

Владата на Никарагва, исто така, одобри присуство на мали контингенти руски војници за „размена на искуства и обука”.

Портпаролката на руското Министерство за надворешни работи, Марија Захарова, изјави дека одлуката на Никарагва, што се носи двапати годишно, е „рутинска” бидејќи законот, исто така, овластува војници од САД, Мексико и други земји од Централна Америка за истите потреби.

Захарова рече дека смислата на политиката на Никарагва за привремен прием на странски воен персонал е „развој на соработка во различни области, вклучително и хуманитарен и итен одговор, борбата против организираниот криминал и трговијата со дрога”.

Даниел Ортега, некогашен комунистички револуционер, е на чело на Никарагва со децении и постојано е на мета на критики од САД поради систематското угнетување на политичките противници и други кршења на човековите права. Тој лани го освои својот петти мандат како претседател, со силна поддршка од Кина и Русија, откако претходно неговата власт уапси петмина противкандидати за највисоката државна функција.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот