Русија и Украина со рекорден број починати од коронавирус
Во Русија во изминатите 24 часа пријавени се 317 смртни случаи од последици од новиот коронавирус, што е најголем број од почетокот на пандемијата. До сега во оваа земја од коронавирусот починале вкупно 24.952 пациенти, а регистрирани се 15.700 новозаболени лица и речиси 11.000 оздравени луѓе.
Во споредба со Русија во Украина, во текот на вчерашниот ден се потврдени 141 смртен случај, што е највисока бројка за еден ден, а регистрирани се 6.719 нови случаи на инфекција.
Украинскиот министер за здравство Максим Степанов изјави дека бројот на заразени лица на дневна основа може да се зголеми на 8.000, па дури и на 10.000 лица во следните недели.
Украина од октомври регистрира повеќе од 5.000 случаи на коронавирус на ден, поради што Владата ги продолжи рестриктивните мерки до крајот на 2020 година.
Степанов најави дека Украина ќе воведе карантински мерки доколку има повеќе од 11.000 новоинфицирани лица на ден.
Тој предупреди дека здравствениот систем нема да има доволно ресурси доколку бројот на новоинфицирани надминува 20.000 на ден.
Вкупниот број на заразени се искачи на 315.826, а од почетокот на пандемијата починале 5.927 пациенти.
(Извор:МИА)