Русија го повикува Западот да преговара за крај на војната во Украина

САД-Русија/ Илустративно фото: ЕПА

Секретарот на рускиот совет за безбедност, Сергеј Шојгу, еден ден откако Доналд Трамп  победи на избори и е  новоизбран претседател на САД, изјави дека Западот треба да признае дека Русија победува во војната во Украина и треба да преговара за нејзино завршување.

Руските сили напредуваат со најбрзо темпо од почетокот на двегодишниот конфликт, вели Шојгу.

Трамп за време на предизборната кампања тврдеше дека може да донесе мир во Украина во рок од 24 часа, но не даде многу детали како ќе го постигне тоа. Шојгу, близок сојузник на претседателот Владимир Путин, кој беше министер за одбрана до мај оваа година, рече дека Западот се обидел да ја искористи Украина за стратешки пораз на Русија, но не успеал во тоа.

„Сега, кога ситуацијата на воениот фронт не е во корист на режимот во Киев, Западот е пред избор – да продолжи да ја финансира Украина и да го уништува нејзиниот народ или да ја препознае моменталната реалност и да започне преговори“, рече Шојгу.

Поранешниот руски министер за одбрана Сергеј Шојгу/Ројтерс

На 14 јуни Путин ги изложи своите услови за завршување на војната: Украина треба да се откаже од своите амбиции да се приклучи на НАТО и да ги повлече своите трупи од сите територии во четирите региони за кои Москва тврди дека се под нејзина контрола.

Русија во моментов го контролира Крим, кој еднострано го анектираше од Украина во 2014 година, потоа околу 80% од Донбас – област која ги опфаќа регионите Доњецк и Луганск – како и повеќе од 70% од регионите Запорожје и Херсон.

 

Поинаква перспектива на Трамп за војната во Украина

Украина, која има поддршка од САД и европските земји, ги отфрли условите на Путин. Сепак, Трамп изјави дека има различни приоритети во споредба со актуелниот претседател Џо Бајден, кој истакна дека Украина треба да одлучи кога и како ќе преговара.

Доналд Трамп / Фото EPA-EFE/SPENCER PLATT / POOL

Официјалниот став на Киев останува дека нема да запре додека секој руски војник не ја напушти територијата на Украина.

Волстрит журнал објави дека транзицискиот тим на Трамп предложил опција Киев да вети дека нема да се приклучи на НАТО во следните 20 години во замена за  американско оружје со долг дострел  за да ги одврати руските напади.

Русија соопшти дека нема да ги коментира медиумските извештаи додека не види конкретни детали за каков било план. Кремљ внимателно реагираше на победата на Трамп на изборите, нарекувајќи ги САД „непријателска држава“ и нагласи дека времето ќе покаже дали реториката на Трамп за завршување на војната ќе доведе до вистински акции.

Ројтерс во мај објави дека Путин е подготвен да стави крај на војната преку преговори и да се согласи со борбените линии кои во моментов постојат, но посочи дека е подготвен да продолжи да се бори доколку Киев и Западот не одговорат на преговорите.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот