
Русија го казни Гугл со 75 милиони евра поради непочитување на административните прописи
Рускиот суд денеска го казни Гугл со 8 милијарди рубљи (75,1 милиони евра) поради непочитување на претходните казни, објави судот во Чертаново. Во известувањето се вели дека казната е изречена во вторникот затоа што Гугл не се придржувал административна казна, но не беше прецизирано за кое прекршување се работи.
Препорачано
Казната изречена денес претставува значително зголемување од глобите од околу 37.500 евра што вообичаено се наплатуваат. Русија претходно им нареди на странските технолошки платформи да ја отстранат содржината што ја смета за нелегална, наметнувајќи парични казни за непочитување, пишува Ројтерс.
Посебен проблем наводно предизвикува мрежата Јутјуб, која дневно ја гледале околу 50 милиони корисници во Русија, но тие бројки паднале на околу 12 милиони, според податоците на Google. Критичарите ги обвинуваат руските власти дека намерно ја намалуваат брзината на преземање на YouTube за да ги спречат граѓаните да гледаат содржини кои се критички настроени кон претседателот на земјата Владимир Путин и неговата влада, пренесува Танјуг.
Русија ги негира обвинувањата, тврдејќи дека проблемот е предизвикан од неуспехот на Google да ја надгради опремата, тврдење што го оспоруваат и Google и технолошките експерти. Во декември, Путин го обвини Гугл дека служи како алатка што ја користи американската влада за постигнување политички поени, според Ројтерс.