Русија ги предупредува граѓаните да не патуваат на Запад поради ризикот од прогон

Фото: EPA-EFE/MAXIM SHIPENKOV

Руското Министерство за надворешни работи ги повика своите граѓани да се воздржат од патување во Соединетите Американски Држави, Канада и повеќето земји од Европската унија во следните недели, предупредувајќи на зголемениот ризик од прогон од американските власти.

„Во контекст на растечката конфронтација во руско-американските односи, кои се на работ на прекин по вина на Вашингтон, приватните или деловните патувања во САД претставуваат сериозен ризик“, изјави Марија Захарова, портпаролка на руското Министерство за надворешни работи.

Захарова додаде дека американските власти и специјалните служби „ловат“ руски државјани, не наведувајќи детали за тие тврдења. Исто така, препорача избегнување на патување во Канада и повеќето земји од Европската унија за време на празници, со одредени исклучоци.

Односите меѓу Москва и Вашингтон, според руски и американски дипломати, сега се на најниско ниво од кубанската ракетна криза во 1962 година, кога двете суперсили од Студената војна беа на работ на нуклеарен конфликт. Причина за ваквата состојба се конфликтите поврзани со војната во Украина.

Русија и САД меѓусебно се обвинуваат за неправедно апсење на нивните граѓани и зголемено малтретирање на дипломати. Во моментов, неколку руски државјани се во американски затвори, додека десетици американски државјани се во затвори во Русија, осудени за разни кривични дела, вклучувајќи шпионажа и хулиганство, пренесува N1.

Заменик-министерот за надворешни работи Сергеј Рјабков изјави за NBC News дека Русија е подготвена да размисли за уште една размена на затвореници, слична на онаа во август кога беа разменети новинарот на Wall Street Journal, Еван Гершкович и поранешниот американски маринец Пол Вилан.

Кремљ, исто така, ја обвини администрацијата на американскиот претседател Џо Бајден за интензивирање на тензиите со Русија пред можна промена на власта во САД. Портпаролот Дмитриј Песков рече дека сегашната администрација остава „наследство на конфликт“ што ќе има последици.

Западните сојузници на САД и обезбедија на Украина огромна воена и финансиска поддршка во борбата против Русија, додека Москва тие потези ги нарече обид за „империјалистичко освојување“. Претседателот Владимир Путин тврди дека Западот, на чело со САД, ги игнорира руските интереси и ја користи Украина за да води прокси војна чија цел е да ја ослабне и уништи Русија.

Белата куќа, пак, наведува дека и дава поддршка на Украина како дел од одбраната на американските интереси. Поранешниот претседател Доналд Трамп вети брз крај на војната и нагласи дека има добри односи со Путин, додека Киев одлучно ги отфрла руските претензии за украинска територија, пренесува Ројтерс.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот