Русија бара безусловен прекин на израелските напади врз цели во Сирија

Фото: Миа.мк

Москва го осуди воздушниот напад од викендот што им се припишува на изралеските вооружени сили врз цели во близина на руската поморска воена база во Сирија, оценувајќи ги таквите активности „категорички неприфатливи” и барајќи истите да престанат.

„Ние остро ги осудуваме таквите неодговорни акции што го нарушуваат суверенитетот на Сирија и основните норми на меѓународното право и бараме бесусловно да престанат”, соопшти портпаролката на руското МНР, Марија Захарова.

Цел на нападите од саботата беше подрачје во близина на сирискиот град Ал-Хамиџа, јужно од Тартус, каде се наоѓа главната руска поморска база во регионот.

Во нападот се ранети двајца цивили и предизвикана е значителна материјална штета, соопшти Москва.

Сирија, исто така, за нападот го обвини Израел, а израелската армија не одговори на обвинувањата согласно својата практика да не коментира воени интервенции во соседната држава.

Израел има извршено стотина и повеќе напади врз цели во Сирија, но ретко презема одговорност за нив.

Израелските лидери претходно укажуваа дека мета на нападите се базите на проиранските милиции како екстремистичкиот Хезболах чии припадници се борат на страна на силите на претседателот Башар ел Асад, како и испораките на оружје за иранските сојузници во регионот.

Опозициската Сириска опсерваторија за човекови права со седиште во Велика Британија, наведе дека мета на саботниот напад било оружје наменето за Хезболах, но тоа не го потврди ниту една друга организација.

Сириската државна новинска агенција САНА извести дека во саботата израелски воени авиони истрелале ракети западно од либанскиот град Триполи.

Израелската армија воглавно нападите ги извршува ноќе, но овојпат нападот бил извршен околу 6:30 часот и тоа врз живинарска фарма. Сириските власти често посочуваат дека мета на нападите воопшто не се воени цели.

Израелските напади во сирискиот воздушен простор продолжуваат иако небото над земјата во поголем дел е под контрола на руското воено воздухопловство. Односите на Израел и Русија за влошени последните месеци, оттаму што Тел Авив се повеќе ја поддржува украинската страна во војната со Русија, а се обидува да одржува и слобода на движење во просторот над Сирија.

Русија претходно остро го осуди Израел за нападот од 10 јуни врз меѓународниот аеродром во Дамаск, што исто така и се припишува на израелската армија. Поради предизвиканите штети аеродромот две седмици беше затворен за авиосообраќај.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот