Рушиме рекорди по број на заболени здравствени работници од ковид-19

Фото: Слободен печат/Драган Митрески

Филипче тврдат дека има доволно заштитна опрема, но не кажува што ќе преземе за да не се случи да нема кој да ги лекува пациентите.

Бројот на заболен медицински персонал во земјава е во постојан раст, а според последните податоци на Институтот за јавно здравје регистрирани се 210 случаи на заболување меѓу здравствени работници што е 17,1% во вкупната бројка на заболен која се искачи на 1.231 (заклучно со 20.04.2020). Најмногу заболени здравствени работници има во кумановската болница, прв случај е регистриран и во кочанската болница, петмина заболени има на Институтот за онкологија, тројца на Клиниката за детски болести… Упатените велат дека повеќе од очигледно е дека има некој проблем во заштитата на здравствените работници и во врска со тоа треба итно нешто да се преземе, за да не останеме без нив.

Во кумановската болница кај 65 вработени е дијагностициран коронавирус. Од Интерните клиники заболени има на Клиниката за пулмологија од кои тројца се лекари, а другите средно-медицински персонал. Позитивни на новиот вирус се и лаборант, медицинска сестра и докторка од Одделот за имунологија на Клиниката за детски болести, но таму засега не се воведуваат рестриктивни мерки за пациентите.

Во Кочани има двајца новозаболени, од кој една е лекарка интернист која била во директен контакт со пациент позитивен на Ковид-19. На барање на епидемиолозите во самоизолација се ставени и нејзина колешка лекар интернист, хирург и анестезиолог.

На Клиниката за ендокринологија има инфицирана медицинска сестра која ротирала на Клиниката за инфективни болести. На Клиниката за кардиохирургија исто така има случај со заболена медицинска сестра. На Клиниката за онкологија има заболено тројца лекари и двајца техничари. Денеска има информација дека прв заболен случај, специјализант, има и на Клиниката за гинекологија, каде се пораѓаат сите трудници кои доаѓаат од градовите во кои најмногу е раширен вирусот. Од ГАК велат дека лекарот бил кај нив на специјализација, но дека е вработен во Здравствен дом Скопје и веројатно инфицирањето не се случило на ГАК. Додека работел на клиниката носел заштитна опрема, но сепак се тестираат сите вработени со кои бил во контакт.

Четворица заболени имаше и во Здравствен дом Скопје, но тие се излекувани.

Првиот здравствен работник во земјата со Ковид-19 беше поранешната директорка на Клиника за кожни болести, Нина Цаца Билјановска која спротивно на препораката да не оди на работа зошто патувала во кризен регион, доаѓаше на работно место и зарази шест свои колеги.

Според податоците на Институтот за јавно здравје, регистрирани се 210 (17,1%) случаи на заболување меѓу здравствени работници, од кои 23 се водат како оздравени. Во овој документ нема подетални информации за оваа категорија на заразени од Ковид-19, како на пример установи каде работеле и како се заразиле, што може да биде важно во однос на тоа што треба да се преземе за да се намали бројот на вакви случаи.

За споредба, во Италија, каде имаше многу поголем број на заболени и прилично подраматична состојба, процентот на заразени здравствени работници е 10 отсто, а толку отприлика е и во соседните држави, на пример во Србија 10,8 отсто.

Лекари велат дека големиот број на заболени се должи на тоа што насекаде нема доволно заштитна опрема, а има и случаи и таму кај што има опрема таа да не се дава, туку се чува по шкафови. Се појави и информација дека на Хируршките клиники заштитните маски со највисока заштита им се наплатувале на вработените по 150 денари. Тие дури посочуваат дека ако итно не се преземат мерки, здравствените работници ќе бидат најголемиот кластер на ширење на вирусот.

Претседателот на Синдикатот на Клиничкиот центар, Горан Беговиќ вели дека Државниот санитарен и здравствен инспекторат известува дека резултатите од извршените контроли во јавните здравствени установи во однос на заштитната опрема за вработените и придржувањето кон препораките ce во ред, а притоа, процентот на позитивни здравствени работници на CAPC корона 2 вирусот во споредба со останатата инфицирана популација во нашата држава е загрижувачки.

-Очигледно нешто во заштитата на вработените во јавните здравствени установи не функционира според препораките и извршените обуки од страна на Министерството за здравство и Комисијата за заразни болести. Во целата ситуација она што дополнително ги иритира здравствените работници е леснотијата со која некои директори изјавуваат дека докторите и медицинските сестри се заразиле за време на паузата или преку контакти надвор од јавната здравствена установа. Не е jaсно врз основа на кои аргументи ги темелат овие свои тврдења. Како можат со сигурност да знаат дека токму во чајните кујни, нивните вработени се заразиле, а не од болните со Ковид-19 или асимптоматски инфицираните пациенти со кои биле во контакт при извршвање на своите работни обврски. Здравствените работници заслужуваат сериозен и самокритичен пристап од одговорните со цел правилно да се отстранат оние недостатоци кои довеле до ваквата несакана состојба – вели Беговиќ.

Министерот за здравство Венко Филипче континуирано вели дека здравствените работници имаат доволно заштитна опрема, а тоа што има голем број на заболени се објаснува со нивно невнимание, односно несоодветно користење на опремата или пак контакти со колегите без да се користи опрема.

Упатените велат дека повеќе од очигледно е дека има некој проблем во заштитата на здравствените работници и во врска со тоа треба итно нешто да се преземе, за да не останеме без нив.

-Ако нема опрема треба да се купи и обезбеди. Ако имаше  доволно заштитна опрема зошто тогаш толку донации. Ако пак опремата не се користи правилно тогаш итно треба да се направат обуки и да се прави контрола секојдневно – велат извори од Клиничкиот центар.

Во Министерството за здравство прашавме какви мерки ќе се преземат за да се намали бројот на заболени здравствени работници, но одговор не добивме.

Д-р Игор Николов вели дека е важно да има соодветен начин на набавка на опремата, односно дека е потребна централна набавка. Ако има таква набавка ќе се има преглед која здравствена институција колку и што има, и полесно ќе оди набавката на опрема.

-Набавката на опрема сега оди многу тешко, тешко се наоѓа опрема, на светскиот пазар и веќе ја нема, дури и платена опрема не може да се добие. Има ситуации кога лица се носители на Ковид-19, но немаат симптоми. Доколку на вакво лице му треба хируршка интервенција нема точен протокол за тоа како да се постапува. Медицинските лица генерално немаат соодветна и доволно опрема. Се вели дека има доволно опрема, но моите колеги со кои сум во контакт велат нешто друго. Велат дека не се чувствуваат доволно заштитетно, дека немаат доволно опрема, дека нема информации за употреба на опремата, а особено е важен тој момент. Замислете што ќе се случи ако една хируршка екипа оперира лице кое нема симптоми, а е носител на ковид-19. Во ваков случај кога нема прецизен протокол и кога нема доволно и соодветна опрема замислете, цела медицинска екипа ќе се зарази – вели д-р Николов.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот