Руни: Пред шест недели реков дека Јунајтед ја освојува титулата!
Поранешниот напаѓач на Манчестер јунајтед, Вејн Руни смета дека клубот од „Олд Трафорд“ има квалитет да ја освои Премиер лигата оваа сезона.
„Црвените ѓаволи“ по 19 кола се лидери со два бода повеќе од Манчестер сити (меч помалку) и Лестер, додека на актуелниот шампион Ливерпул, кој вечерва го пречекува Барнли, му бега шест бода.
– Во последните неколку години, Манчестер јунајтед не беше подготвен да се бори за титулата шампион на Англија, но сега има играчи како Бруно Фернандеш и Единсон Кавани. Тие се играчите кои го донесоа победничкиот менталитет во Јунајтед – рече менаџерот на Дерби, кој пред неколку дена ја заврши професионалната кариера како фудбалер.
ВИДЕО: Погба со еврогол го враќа Манчестер јунајтед на врвот!
Колку е оптимист поранешниот играч на трофејниот клуб потврдуваат и следните негови зборови:
– Пред шест недели, во разговор со моите помошници, реков дека Манчестер јунајтед ќе ја освои Премиер лигата оваа сезона. Во меѓувреме, не се предомислив – додаде Руни.
Воедно смета дека Пол Погба ќе има големо влијание врз играта на тимот.
– Бруно Фернандеш и Единсон Кавани ќе го намалат малку притисокот врз Французинот. Благодарение на тоа, тој може смирено да покаже сè што знае – вели поранешниот англиски репрезентативец.
Легендарниот напаѓач играше за „црвените ѓаволи“ од 2004 до 2017 година, вкупно петпати се искачи на врвот во Премиер лигата.