Руни бил блиску до трансфер во Барселона: Сакав да играм со Чави и Иниеста
Поранешниот англиски репрезентативец и капитен на Манчестер јунајтед и Евертон, Вејн Руни, неодамна откри колку малку фалело тој да биде дел од славната екипа на Барселона со Чави, Меси, Иниеста…
Руни открива дека во 2010 година многу малку фалело да се пресели во Барселона кога ја шокирал управата на Манчестер јунајтед со барањето да биде ставен на трансфер листата.
Руни признава дека неколку дена го гледал тимот на Барселона и замислувал како ќе се вклопи во него.
– Се сеќавам дека еден ден седнав и си помислив, „замисли да играш во таа екипа на Барселона со Меси, Чави, Иниеста и Бускетс“. А во тоа време Меси не играше како сега, туку играше на крилната позиција. Мислев дека можев идеално да се вклопам во нивната игра. Можев да дојдам и до топката и да имам соиграчи зад мене. Се сеќавам дека за тоа размислував – открива Руни.
Сепак, екипи кои направиле конкретни чекори за да дојдат до неговиот потпис се Манчестер сити и Челси.
– Мислам дека е документирано тоа дека Челси и Мурињо сакаа да потпишат со мене. Постоеше интерс од Реал Мадрид, Барселона и Манчестер сити но никогаш немаше да потпишам за нив. Но, останатите три опции беа реални, Реал Мадрид, Барселона и Челси – додава Руни.
На крајот Руни остана во Манчестер јунајтед и потпиша нов петгодишен договор, а на „Олд трафорд“ се задржа до 2017 година по што се врати во тимот во кој ја започна професионалната кариера, Евертон. Потоа играше и во Ди Си јунајтед во САД, а сега е дел од Дерби Каунти каде во исто време и е менаџер.