Ручек за денеска од Стефанија Несторовска: Смачкани компири со сос од лук „Аиоли“

Фото: Стефанија Несторовска/Приватна архива

Тоа е најпопуларниот сос во медитеранската кујна. „Аиоли“ или масло од лук, како што го нарекува областа Левант, неговите главни состојки се лукот и маслото, како што кажува и неговото име, а се користи со широка палета на јадења.

Францускиот сос „Aioli“ (aioli или all-i-oli, буквално значи „лук и маслиново масло“, француски), е едноставен, течен, прилично хомоген сос базиран на маслиново масло со лук, понекогаш со јајце (или протеини) и додавање сол. Белиот сос „Аиоли“ е многу популарен на долгата територија долж северниот брег на Медитеранот, од Италија до Шпанија. Понекогаш во Каталонија се додаваат сок од лимон и сенф во сосот „Аиоли“.

На големо задоволство на сите гурмани и љубители на медитеранската кујна, Стефанија Несторовска која стои зад инстаграм-профилот и блогот snestorovska.com денеска ја носи медитеранската кујна на вашата трпеза. Овој пат, прочуениот сос „Аиоли“ во страсна гурманска комбинација со печен млад компир.

Состојки:

За компири:

– 500 г млад компир
– масло за готвење
– сол, бибер и зачини по желба

За „Аиоли“:

– 240 г (1 филџан) масло
– 1 јајце
– 1 жолчка од јајце
– ½ лажица дијон сенф
– 2 лажици сок од лимон
– 1 чешне лук
– 1 лажичка сол

Фото: Приватна архива

Начин на подготовка:

За подготовка на компирите, прво убаво се мијат со ладна вода и се отстранува секоја нечистотија. Јас користев млади компири па не ги излупив, но ако користите обичен или друг вид на компир – може слободно да ги излупите.

Компирите се додаваат во големо тенџере и се полни со вода, доволно за да ги покрие.

Се оставаат да зовријат (да излегуваат меурчиња од водата). Веднаш се намалува температурата, се поклопува тенџерето со капак и се остава да се варат околу 20-30 минути. Ова ќе зависи од јачината на ринглата и од видот/големината на компирите па затоа проверете по 30 минути. Компирите се готови кога со нож или чепкалка ќе боцнете и ножот лесно ќе излезе. Значи треба да бидат меки и сварени.

Потоа, се оставаат малку да се изладат, за да може да ги допрете со прсти.

Во меѓувреме, се загрева рерната на 220 степени и се подготвува тава за печење. Се нанесува масло на површината, за да не се залепат компирите при печење.

Компирите се додаваат на подготвената тава за печење и со чаша, толчник и слично се притиснуваат одозгора, за да се смачкаат. Колку се потенки – толку покрцкави ќе бидат.

Се додава малку масло врз компирите и зачини. Јас користев сол и бибер. Може да додадете какви било зачини по желба.

Се додава тавата во рерна и се печат 20-тина минути односно додека не добијат златеста, крцкава боја. Времето на печење ќе варира, затоа проверувајте привремено.

За лук „Аиоли“ – се додаваат сите состојки во сад и со рачен блендер се блендира сѐ додека не се добие соединета, хомогена, кремаста смеса. Не претерувајте со блендирање затоа што може да се згрутчи.

Неколку пулсирања се доволни за сѐ да се измеша.

Сервирајте веднаш заедно со компирите или, пак, чувајте ги во одделени садови. „Аиоли“ може да стои во ладилник до 3-4 дена.

Фото: Приватна архива

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот