Ручек за денеска од Стефанија Несторовска: Ракчиња со зеленчук

Фото: Приватна архива

Стефанија Несторовска, која стои зад инстаграм-профилот и блогот snestorovska.com, вели дека ваквите оброци се секојдневие на нејзината трпеза. Особено во текот на неделата, кога има многу обврски, а не многу време за готвење. Стефанија користи сѐ што ѝ се наоѓа при рака и секогаш излегува нешто интересно и вкусно на крај.

Таа истакнува дека зеленчукот е многу важен дел од нејзината исхрана и се труди да ѝ биде вклучен во секој оброк. Некогаш во форма на салата, а некогаш потпечен. Затоа и секогаш ги советува своите следбеници на Инстаграм да издвојат еден дел од неделата, да испазарат свежо овошје и зеленчук за кога ќе одлучат да готват да им бидат при рака и да нема изговор да не се додадат во оброк.

Стефанија порачува дека слободно можете да го адаптирате рецептот онака како што вам ви одговара и со она што го имате достапно во моментот. Ова е само пример за колку вкусни оброци може да си подготвите, а да бидат здрави и полни со хранливи материи.

Фото: Приватна архива

Ракчиња со зеленчук

Состојки:

– чистени, замрзнати ракчиња (или свежи)
– брокула
– 1 црвена бабура
– 1 мала тиквичка
– 2 моркови
– сок од половина лимон
– сол и бибер (по вкус)
– 1 чешне лук, исецкано на многу ситно или пасирано
– масло за пржење

Начин на подготовка:

Се загрева рерната на 220 степни и се поставува хартија за печење.
Замрзнатите ракчиња се додаваат во длабок сад и се оставаат 30 минути до 1 час комплетно да се одмрзнат. Во меѓувреме, се подготвува зеленчукот.

Бабурата, тиквичката и морковите се сецкаат на мали коцки. Се додаваат во голем, длабок сад и се поливаат со малку масло и сол. Се промешува за сите парчиња еднакво да бидат прелиени со масло и сол. Се додаваат на тавата за печење и се распоредуваат да не се допираат едно со друго. Да има простор од секое парче зеленчук до друго. Ова овозможува зеленчукот да биде крцкав и запечен од секоја страна. Се печат 20-30 минути (зависно од тоа колкави се парчињата). Се проверува одвреме-навреме и по потреба се промешуваат за еднакво да се испечат.

Брокулата се сецка на помали парчиња. Се загрева вода во мало тенџерче. Кога ќе зоврие се додава брокулата и се трга од оган. Се остава да отстои 4-5 минути и се процедува од водата. Овој чекор може слободно да се прескокне, меѓутоа мене на овој начин брокулата ми е највкусна.

Се загрева масло на грил тава (или обично големо тавче) на средно-висока температура и се додаваат замрзнатите ракчиња и варената брокула. Се додава лукчето, сол, бибер и сокот од лимон. Се остава да се пржат додека ракчињата не добијат црвенкаста боја, а брокулата не стане крцкава и запеченка. Околу 7-8 минути.

Кога ракчињата и брокулата ќе бидат испржени по ваш вкус, се додава и печениот зеленчук и се остава 1-2 минути за сето тоа да се пропржи и соедини заедно.

Сервирајте веднаш или оставете да се излади пред да се складира во стаклен, затворен сад и во ладилник.

Фото: Приватна архива

Забелешки и совети:

→ Зеленчукот може да го испечете во, во воздушна фритеза (air fryer) или да го пропржите во тавата пред ракчињата. За првата опција, следете ја потполно исто постапката со тоа што печете во загреана фритеза на 180 степени 15-тина минути со повремено промешување и проверување. Зависно од големината на апаратот можеби ќе биде потребно да го поделите зеленчукот на неколку тури за еднакво и крцкаво да се испече.

→ Доколку сакате да го подготвите овој оброк како дел од подготовка за оброк, испечете поголема количина од зеленчукот, почекајте комплетно да се излади и складирајте во стаклен сад. За брокулата, можете само да ја сварите и исто да ја чувате во ладилник на одделно место. Кога ќе сакате да го подготвите и јадете оброкот, свежо подгответе ги само ракчињата и на крај додадете го зеленчукот да се стопли и соедини со ракчињата.

→ Можете да користите буквално секаков зеленчук. Мене оваа комбинација ми е најдобра досега и ако имате опција – пробајте вака. Но, секако гответе со тоа што имате по дома и додадете/одземете како вам ви одговара.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот