РТС: Армиите на Србија, Црна Гора и Северна Македонија најмногу го чуваат споменот на НОБ

Македонска армија АРМ војници
Македонска армија / Фото: EPA-EFE/GEORGI LICOVSKI

Од сите земји на поранешна Југославија, вооружените сили на Србија, Црна Гора и Северна Македонија најмногу го чуваат споменот за Народноослободителната борба (НОБ) и антифашистичките традиции, додека ова е најмалку изразено во Хрватска, покажа истражувањето на емисијата „Дозволите” на РТС.

Како што јави дописникот на МИА од Белград, како критериуми кои симболично и фактички зборуваат за односот кон антифашистичка борба во воената емисија „Дозволите“ земени се имиња на касарните, воени празници и начинот на обележување на манифестациите.

Армијата на Северна Македонија, го чува споменот на антифашистичката традиција со положување венци на Денот на победата и Денот на востанието на 11 октомври, а во касарната во Велес внимателно се чува фреската „Сутјеска” во спомен на познатата битка. Исто така има и седум касарни и Воена академија именувана по националните херои од НОВ.

– Она по што предничи Армијата на Северна Македонија во антифашистичката традиција во однос на другите поранешни републики е што повеќето касарни се именувани по национални херои на Југославија, соопшти РТС.

„Алексо Демниевски Бауман“ во Велес, „Јане Сандански“ во Штип, „Боро Менков” во Куманово, „Кузман Јосифовски Питу” во Тетово, „Мирче Ацев” во Прилеп, „Чеде Филиповски Даме” во Кичево и „Страшо Пинџур” на аеродромот во Петровец. Воената академија во Скопје го носи името „Генерал Михаило Апостолски”.

Армијата на Северна Македонија на својата веб-страница има и публикација „Воени генерали од Македонија 1943-2017“, во која се наведени југословенските генерали од Македонија.

Српската армија има 11 касарни и воени објекти со имиња на паднати национални херои.

Денот на победата и Денот на ослободувањето редовно се слават со воени паради, а по тој повод често се организира почесен артилериски оган од Калемегдан во Белград.

На парадата, кадетите на Воената академија маршираат со знамињата на српските бригади на Народноослободителната армија на Југославија. Српските војници учествуваат во настани со положување венци во сите градови каде има воени гарнизони, најчесто по повод Денот на ослободување на местото од фашизмот и други важни датуми.

Иако Србија ги изедначи комунистичките и ројалистичките движења на отпорот во 2005 година, Српската армија скоро и да не го чува споменот на Југословенската армија во татковината (четничкото движење). Сепак, припадниците на вооружените сили учествуваат во комеморацијата на мисијата „Халијард”, во која четниците спасија околу 500 сојузнички пилоти во Втората светска војна, а Денот на оклопните единици се одбележува на 30 октомври – денот кога 1941 година партизаните и четниците со два заробени тенкови, последен пат заедно се бореа против Германците во нападот на Краљево.

Црна Гора може да се пофали со антифашистичка традиција, која се негува и не се крие. Министерството за одбрана од Подгорица објасни дека со учество во манифестации, имињата на касарната и образованието, се зачувува антифашистичката традиција. Се изведува и почесен артилериски оган. Црна Гора го слави и Денот на антифашистичкото востание на 13 јули како Ден на државноста, а во спомен на НОБ се именувани 4 касарни.

Министерството за одбрана на Словенија соопшти дека армијата на таа земја учествува во одбележувањето на Денот на победата над фашизмот, а на официјалната веб-страница на словенечката армија се наведува дека од вкупно 19 касарни -две ги носат имињата на национални херои- „Франц Розман Стане” во Цеље и „Јанко Премрл Војко” во Випава.

Вооружените сили на БиХ учествуваат во главните манифестации на положување венци и обележување важни датуми, како што се Денот на победата и Битката за Козара и Сутјеска, Игманскиот марш и слични настани. На територијата на Република Српска, три касарни во Дервента, Приједор и Бања Лука носат имиња на национални херои, а касарната во Билеча „Билечки борци” го чува споменот на партизаните од таа област.

Емисијата „Дозволите” на РТС не доби никаков одговор од Хрватска, но со претрага на официјалната веб-страница откри дека вооружените сили на земјата учествуваат во положување венци на Гробот на народните херои во загрепски Мирогој како и на одбележувањето на денот на сеќавање на жртвите на усташкиот логор Јасеновац.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот