РСБСП: Да не се користи ситуацијата со коронавирусот за дивеење по улиците

Голем број сообраќајни незгоди, повредени и загинати лица бележи статистиката деновиве, иако е намален интензитетот и на моторизираниот и на немоторизираниот сообраќај поради мерките за заштита од корона вирусот, информира Републичкиот совет за безбедност во сообраќајот и патиштата (РСБСП) и апелира на одговорно учество во сообраќајот.

Според РСБСП, да се користи ситуацијата за да се беснее по улиците, да се користат полупразните булевари за достигнување максимални брзини и да се организираат трки е надвор од сите хумани и цивилизациски вредности.

-Го осудуваме секое девијантно и неодговорно однесување во сообраќајот и апелираме до сите учесници во сообраќајот да бидат внимателни и одговорни, да ги почитуваат сообраќајните правила и прописи, особено правилата за ограничување на брзината. Во ситуација кога СЗО прогласи пандемија, во ситуација во која секојдневно на светско ниво стигаат информации за нови заразени и починати лица поради таканаречениот корона вирус, во ситуација кога капацитетите на МВР и на здравствените институции се максимално мобилизирани да се спречи ширење на вирусот, во ситуација кога пред сите надлежни институции, и пред сите нас како граѓани е исправен еден сериозен предизвик за спречување на ширењето на корона вирусот и минимизирање на последиците од него, нагласува РСБСП.

Републичкиот совет за безбедност во сообраќајот и патиштата потсетува дека во изминатите 48 часа, две млади лица на мотоцикл го загубија животот во Кавадарци, повреден е мотоциклист во Скопје (Козле), превртена е цистерна на автопатот Штип-Свети Николе, автомобил е превртен на кров во Скопје (Аеродром),… Да бидат парадоксот и бесмислата уште поголеми, одредени медиуми пишуваат за организација на ноќни трки во Тетово.

-Со дисциплинирано и одговорно учество во сообраќајот, најпрво ќе си помогнете на самите себе, ќе го заштитите сопствениот живот и сопственото здравје, а потоа и животот и здравјето на останатите учесници во сообраќајот. Бидете свесни и совесни и како граѓани и како учесници во сообраќајот. Со одговорното однесување во сообраќајот ќе си помогнете на себе, на другите, но ќе помогнете и на МВР и на здравствените институции за полесно справување со корона вирусот, нагласуваат од РСБСП

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот